👁️  47

Дарко ЈАНЕВСКИ

Пензионер во аптека купува скап лек. Чини над 1 000 денари. Му го препишал лекарот, ама лекот може да се набави само приватно, а не и преку рецепт на товар на ФЗО. И се жали на аптекарката дека ги пие апчињата секој втор ден, наместо еднаш дневно како што му е кажано и така заштедува. Да е само овој лек, промрморува низ забите, ги зема апчињата и си оди.

Претходно раскажа дека неговиот комшија не правел така. Тој имал друг метод: ги кршел апчињата на половина, па така имал за секој ден. Двајцата се расправале чиј метод е подобар. Тој се пиење апче секој втор ден или тој метод со земање половина доза секој ден. Интересна дилема во Северџанија, нели?

Двајцата веројатно се дел од онаа група од 96 000 пензионери кои земаат до 13 000 денари пензија, во државата која блеска и во која секој ден ги слушаме фалбите на власта за тоа колку ги зголемила пензиите. Не се во подобра положба ни оние 60 000 пензионери со пензии до 16 000 денари, како и 86-те илјади со пензии до 22 000 денари. Се на се, тоа се 242 000 пензионери чиј животен век не е многу ветувачки. Додадете ги тука и оние неколку стотини илјади вработени чија плата е околу 20 000 денари и ќе ја добиете комплетната слика.

Заеднички именител и за едните и за другите, освен апчињата, е и гладта. Тие немаат доволно пари за се хранат нормално, освен со леб и некој ефтин маргарин. За да биде белјата поголема, овие денови е мошне студено, а тие немаат ни за греење. Всушност имаат, зашто половина Македонија се грее на дрва, а нивното цепење е здрава навика која го јакне организмот. Не знам само зошто ова го нема во рекламите на власта за придобивките од ЕУ. Слушам дека кога ќе станеме членка на клубот со седиште во Брисел, сите ќе добиеме субвенции за поубави и поостри секири. Најнов модел. Тоа да ти било запишано во некоја ИПАРД програма со која ќе биде заменето тренирањето магариња.

Така што замислете ја само радоста со која наутро излегувате на -10 степени и ја земате в раце најновата ЕУ секира. Која, како што не убедува Бујар Османи, нема да ја добиеме, туку власта ќе ја украде, ако не почнеме преговори со ЕУ. Зашто инаку, не можеле да престанат да крадат.

Всушност, за оваа држава чиј темел е лоповлукот, најдобро е сите, посебно постарите, да умрат што порано. И така да им помогнат и на власта и државата, поведувајќи се од онаа реченица на Кенеди: „Не прашувај што државата сторила за тебе, туку што си сторил ти за нејзе!“.

Еве, овие луѓе прават нешто за државата – умираат порано за нејзе да и биде полесно. За да може такви како Ден Дончев да бараат по 25 000 евра месечно. Зар не е тој истиот Ден Дончев кој беше снимен со купчиња пари кои ги става во торба и кому ни влакно не му фали од главата? За да може Бујар Османи на една страна да ни држи лекции, а на друга да ја вработува сестра си во М НАВ. Кутриот Бујар, се изнамачил додека го сторил тоа. А вие, кршете апчиња на половина, но имајте на ум дека не ја носите сета тежина на грбот што ја носел Бујар додека не ја вработил сестра му. Според сите правила и критериуми на ЕУ.

Но, да се вратиме на нашите пензионери и на обичниот прост народ за кого нема место во М НАВ, а чиј животен век е меѓу најкусите во Европа. За што се загрижени и западните амбасадори кои прашуваат каде биле нивните пари што ги дале за Северна и кои тврдат дека корупцијата била на високо ниво. Откако нема удбаш во оваа држава или пак  наследник на удбашите кој не се омрсил од тие западни пари, само и само за да се инсталира „Северна“ на чело со Заев, кому очигледно му е ветена амнестија за сета кражба во негово време, ним им текна да прашуваат каде им биле парите и зошто уште имало корупција. Нека прашаат во УДБА, од чија хистерија во времето на Шарената револуција денес нема ни траг.

Во меѓувреме, нашите пензионери и натаму, наместо за политика, ќе се дебатираат за тоа дали е подобро апчињата да се пијат секој втор ден или секој ден, ама скршени на половина. Болните ќе пуштаат апели по социјалните мрежи за да се собираат пари за нивно лекување во странство по телефон, а државата ќе се моли и едните и другите да умрат што порано.

Тие кои не се болни ќе се иселуваат, зашто не можат веќе да поднесат да живеат во шупа од држава, во која наводно сите ќе се просветлат и ќе блеснат, само ако Македонците станат Бугари. Оти во крајна линија, сите сме луѓе, нели? Зошто само тогаш Бугарите инсистираат дека се Бугари, Грците – Грци, Французите – Французи, Холанѓаните – Холанѓани… и да не редиме понатаму, нам како на космополити не ни е јасно. Мора тие да се назадни, во споредба со нас – напредните во развојот.

Како и да е, ова со пензионерите кои имаат 13 000 денари месечно и нивните апчиња и со младите кои се иселуваат и не мора да е така голема работа. Еден ден сите ќе умреме, па што има врска ако тоа биде порано. Така ќе се заштедат и пари од оној западен работник од чиј данок се финансираат удбашките и криминалните инсталации на Северна. Така што, ако некој те праша што можеш да сториш за државата, наместо да прашуваш што таа сторила за тебе, одговорот е – умри порано!