👁️  12

Геополитичката позиција на нашата земја е обременета од нејзината асиметрична положба во однос на соседите – членки на Европската Унија, вели академик Љупчо Коцарев во интервју со новинарот Љупчо Цветановски во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа.

„Уште повеќе, геополитичката позиција на Македонија е оптоварена и од неуспехот на неолиберализмот, особено од политичките кризи кои претставуваат вистинска рефлексија на неговото влијание и поттикнуваат длабоки социјално-политички последици, популизам, национализам и верски радикализам, во глобални рамки. Една африканска поговорка вели: „Кога се тепаат слоновите, страда тревата“, чие значење, парафразирано, во геополитички контекст, може да се пренесе на повеќе нивоа: на регионално (Југоисточна Европа, Европска Унија), континентално (Европа) и на светско ниво. За жал, во минатите триесетина години, политичарите во Македонија не се снајдоа, делумно од неукост, но делумно и од лукративни причини, во управувањето со кормилото на бродот Македонија среде бурните геополитички превирања“ цени академикот.

Ако ЕУ не може да се ослободи од притисоците однадвор, Македонија може уште помалку, посочува Коцарев според кој македонските политичари, иако треба да се грижат за националните интереси, во изминатите триесетина години истрајно покажуваа незрелост и неукост.

„Па оттука, се плашам дека, во согласност со нивната истрајност во негрижата, само за да започне европското закрилништво, поточно, само за да започнат пристапните преговори со ЕУ, ќе предадат и ќе продадат сѐ, што значи конечно разнебитување на Македонија“ потенцира академикот и поранешен претседател на МАНУ.

Според него, дали Македонија ќе опстои или не, зависи (1) од опстојувањето во одбраната на научните факти за македонскиот народ и за македонскиот јазик, (2) од градењето на Македонија како граѓанска држава, (3) од воспоставувањето правна и суверена држава.

„Оттука, изборот е јасен: можеме да продолжиме да се однесуваме како ништо да не се случува, да стануваме сè помалку подготвени за новите бесмислени барања и уцени и сè поочајно да се инвестираме себеси, по линија на помал отпор, во денешнава сервилна Македонија, која, на сите нам ни е јасно, вака како што се движи, нема да може да опстои. Или можеме да ги засукаме ракавите и искрено и сериозно да почнеме со вистински промени да градиме суверена, правна и достоинствена Македонија!“ порачува Коцарев во интервјуто со новинарот Цветановски.