Медицинска сестра фатена во повторен обид за кражба на Онкологија, беше веднаш отстранета и повеќе не стапна во институцијата, изјави медицинскиот директор на УК за онкологија и радиотерапија, Виолета Клисаровска, појаснувајќи дека станувало збор за медицинска сестра во дневната болница и не била директно поврзана со припрема на лековите.
Клисаровска, исто така, апелираше час поскоро надлежните органи да ги откријат виновниците, и да ги именуваат, за како што рече да се отфрли таканаречената колективна вина која сега се наведнува над целата институција, односно над целиот медицински тим што ја руши довербата пациент – лекар.
– На 28 февруари, медицинското лице се дрзна повторно да направи кражба, со доказ беше веднаш, не од нас, од надлежни институции, отстранета од наша институција. Таа потоа повеќе не стапна во нашата институција. На 6 март, неколку дена подоцна, таа доби од нас писмен допис за отстранување од работно место, а заради административните постапки кои спрема полицијата моравме да ги испочитуваме и сите други административни делови за формирање и поведување на дисциплинска постапка, на 23 мај 2023 година ѝ беше испратено и отказното решение од работа. Да нема дилеми. Значи, таа сестра беше во повторен обид фатена и веднаш отстранета од нашата клиника со отказно решение, појасни Клисаровска.
На новинарско прашање какви овластувања имала сега отпуштената, директорката одговори дека станувало збор за медицинска сестра во дневната болница и не била директно поврзана со припрема на лековите.
– Токму заради тоа и една од безбедносните мерки е и веќе ограничен број на сестри. Тој влез веќе е строго ограничен, не е отворен за сите сестри од дневната болница. Се знае кој доаѓа во допир со нерастворен лек, такви би биле од интерес по претпоставка. Растворен лек понатака не е предмет на оваа дискусија. Токму заради тоа ви благодарам за прашањето, ете и тоа е една од безбедносните мерки кои ги преземав бидејќи сметав дека нема потреба во тој дел да се движат и оние сестри коишто не се вклучени во процесот на подготовка, тој дел е обезбеден, посочи Клисаровска.
Клисаровска подвлече дека кај неа нема втора шанса кога станува збор за злоупотреба на лекови. За неа, како што додаде, е сосем идентично дали ќе украдат шише физиолошки раствор или ќе го украдат најскапиот лек.
Таа апелираше час поскоро надлежните органи да ја донесат одлуката ако има виновници, околу злоупотреба на лекови, да ги именуваат.
-Зошто ова го потенцирам? За нашата Клиника ова е од непроценлива, од огромна важност. Зошто? За да се отфрли таканаречената колективна вина која сега се наведнува над целата наша институција, односно над целиот медицински тим што ја руши довербата пациент – лекар што директно се одразува на здравјето на нашите пациенти, појасни таа.
Како што рече, одговорно им тврди на пациентите, откога е ставена на позицијата, за периодот од ноември 2022 година, секој пациент ја добива препишаната терапија согласно индикацијата, дозата, типот на лекот според тоа што неговиот соодветен ординирачки лекар тоа ќе го постави без никаква манипулација со лековите.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа кажа дека е во Клиниката многу одамна и секако дека имале по допрен глас, сомнежи, но никого не можеле на тој начин да го осудат.
– Во врска со тој автоматизиран систем за подготовка на лековите кој работи на тој КАТО софтвер можам да ви кажам дека ние сме во координација со Министерството за здравство. Се прави една целосна евалуација од една страна за исплатливоста на тој систем во нашата клиника согласно сегашниве моментални можности на клиниката. Од друга страна, се прави како што рече и министерот, една финансиска анализа детална за да можеме да видиме каква финансиска импликација тоа ќе има врз нашата клиника. После тие евалуации ќе можеме во друга прилика да излеземе со поконкретни податоци и да ви кажеме зависно од исплатливоста и финансиската импликација дали тој систем ќе профункционира, појасни таа, прашана за овој систем.
Таа потврди дека поранешниот директор на Клиниката, Нино Васев, бил на работа, „заради тоа што јас како институција и организацискиот директор немаме добиено никакво решение за да бидат отстранети од работно место или слично“.
Прашана зошто пациенти чекаат и по пет часа за да влезат на терапија, таа информираше дека правена е статистичка анализа уште од 2017 година.
– Нашата институција е единствена јавна здравствена установа која го носи товарот. Тука ќе кажам за жал токму заради тој голем број на пациенти, го носи целиот товар на здравствената грижа на ваквите пациенти. Сакам и вредно е да ја спомнам и радиотерапијата не помалку основен тераписки модалитет во нашата клиника, а секако и онколошкиот дел. Забележано е дека од 2017 година наваму ние имаме значајно зголемување на бројот на пациенти во нашата институција и оваа година ќе го срушиме рекордот од над 5.000 нови пациенти, тенденцијата е така, за нови пациенти во годината, односно вкупно прегледи, бидејќи и претходните постоечки пациенти доаѓаат на прегледи, се реализираат вкупно прегледи некаде околу 90 илјади и повеќе годишно. Овие се транспарентни статистички бројки со кои можам и со доказ на транспарентен начин да ве уверам. Проблемот е тој. Ние веќе и кадровски и просторно и финансиски со доволна количина на лекови навистина имаме проблем заради тоа постојано за жал зголемување на бројот на пациенти. Секако тука големо влијание има инциденцата меѓутоа и преваленцата. Среќна сум како лекар да кажам дека таа иновативна медицина, тие нови лекови коишто и кај нас ги има околу 30-ина овозможуваат продолжување на преживувањето на пациентите и горди сме на тоа, но таа инциденца, преваленца нас значајно ни го зголемува од ден во ден квантитетот во работењето, одговори Клисаровска.
Таа додаде дека тие мораат да функционираат со истиот персонал со којшто работеле и во 2017 година, кога за дупло од овие бројки имале помалку пациенти во клиниката.
– Тука треба да се разгледа прашањето и тоа со министерот сме го разговарале за евентуално барем во дел каде што се оспособени кадри да имаме некаква дисперзија на пациентите, зашто навистина со огромен квантитет кој и да менаџира, квалитетот се губи, тоа мора да ми го признаете и вие. Затоа кај нас и „Мој термин“ не може да постои. По стотици пациенти секојдневно поминуваат. Имаме евалуација и по специјалист колку прегледи се вршат годишно. Невозможно е, верувајте ми, без да причекаат, не може никако да се постигне, истакна Клисаровска.
Таа, заедно со министерот за здравство Фатмир Меџити и организацискиот директор Хаљид Матоши одговараа на новинарски прашања во врска со последните случувања на ЈЗУ УК за онкологија и радиотерапија. Случајот предизвика бурни реакции во јавноста, а од 18 часот најавен е протест пред Влада, што треба да продолжи, како што појаснија организаторите, до Министерството за здравство.