👁️  3953

За Аналитикум СТЕФАН АНДОНОВСКИ – Магистер по меѓународни односи и меѓународна економија од Универзитетот Џонс Хопкинс во САД, на Школата за напредни меѓународни науки (SAIS).

Од една страна честитки. Од друга страна грутки во грлото. А всушност од глава не излегува една сцена од филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, кога еден од сенките – Герасим, со клинци во чевелот се обидува да се искачи по едни скали. А од чевелот, тече ли тече крв од неговото полу-мртво тело. Такви некои клинци имаме и ние во нашиот македонски чевел.

Но овој пат, како ретко кога досега, на огромното мнозинство македонски граѓани, никој не требаше да им објаснува што се принесува како жртва. Сè беше јасно. Сепак, многу е важно да се забележат работите кои како генерација ќе имаме должност да ги исправаме.

Јазикот како паричка за поткусурување за кариерата на Бујар Османи. Само нашата клаузула за јазикот во основниот текст на преговорите е со некакво дополнение, дообјаснување. Ние сме единствената земја која дозволува некој друг да изјавува што сака за македонскиот јазик. Со прифаќањето на оваа рамка, власта дозволи друг да дава оценки и квалификации за нашиот јазик. Некој друг да кажува дека е измислен, вештачки, дијалектна политичка конструкција… и тоа веднаш беше искористено од Бугарија, со дрската изјава дека „Бугарија не го признава јазикот на луѓето од * Македонија“. Попушти јазичниот бетон

Второ, само Македонија има билатерални услови во преговарачката рамка. Од сите други се бараат добри добрососедски односи, но само во нашиот случај се набројани сите билатерални договори и протоколи. Е токму тој протокол е најголемиот клинец. Токму тој ќе предизвика најголема разорна штета по македонскиот идентитет, затоа што напредокот на преговорите ќе биде ДИРЕКТНО поврзан со исполнување на условите во Договорот со Бугарија.

„Двете држави ја охрабруваат Комисијата да го заврши прегледот на периодот на Средниот век ВО РОК ОД ЕДНА ГОДИНА од потпишувањето на овој Протокол. На следниот состанок на Заедничката комисија по чл. 12 од Договорот, двете држави ДА ГИ ОДОБРАТ препораките на Комисијата за целиот период кој го опфаќа Средниот век“. Доколку ова не се случи во рок од една година – ние сме исправени пред ново вето. И ова е само почетокот. Секој од историските периоди кои се на маса за преговори ќе носи ново вето (вето за Гоце Делчев, вето за Илинденско востание, вето за браќа Миладиновци, вето за Наум Охридски, вето за ВМРО).

Македонија нема иднина во ЕУ, ако условите за европеизација се наоѓаат во 19тиот век.

Овој протокол е во суштина траорната долгогодишна штета од Преспанскиот договор, за кој ретко кој повеќе зборува. Со Преспа (во членот 7), Македонија прифаќа една уникатна небулоза: ние Македонците немаме македонско потекло, немаме наше малцинство во другите држави и немаме право на цивилизациски континуитет како сите други народи. Сите други народи можат да се повикуваат на своето минато, само нашето е врзано со формирањето на модерната македонска држава – Асномска Македонија. Сè пред тоа – е туѓо.

Со оваа француска рамка, сите национал-шовинистички и ревизионистички бугарски барања конечно и неповратно влегуваат во преговарачката рамка. Затоа Радев е задоволен. Затоа Борисов е го поддржа договорот во првите минути. Затоа Генчовска воскликнува.

Затоа, ние не смееме да го прифатиме постоењето на ваков документ за преговори, кој е суштински различен од сите документи на сите други кандидати во историјата. Рамката која се обидуваат да ја протуркаат е лош исклучок, проблематичен хибрид, и ќе стане паразит на европското пристапување. Таа е алатка за креирање нови проблеми, не алатка која нуди решенија.

Едноставно, тоа е алатка за кариерата на Бујар Османи. Клинец во чевелот на македонскиот идентитет.