👁️  33

Учебната година ќе почне утре и ќе трае до 17 јуни 2024. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири им посака успеси на учениците и наставниците и ги соопшти новините пред утрешниот почеток на 2023/2024 година.

Како што известуваше во претходните денови, ќе доцнат само учебниците за шесто одделение и тие ќе се распределуваат во училиштата штом бидат одобрени и се очекува да стигнат до крајот на септември. Учебниците за трето одделение, за кои како и за шесто годинава се прават нови учебници согласно новите наставни програми, се одобрени и се печатат така што во првата недела од септември учениците ќе ги добијат.

-Учебниците за трето одделение се одобрени и во тек е постапката за печатење и доставување. За сите предмети се одобрени и се во фаза на техничко-графичко регулирање и во печатење. Така што денеска, утре, на почетокот на неделата, тековно ќе се доставуваат. Истото ќе се случи и со учебниците за шесто, кои се во напредна фаза на одобрување од Националната комисија за учебници. Потоа може да има жалбена постапка од одредени автори, но до крајот на септември тие ќе бидат доставени до сите ученици, рече Шаќири на прес-конференција по повод новата учебна година.

Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали кои ги изработи Бирото за развој за образование (БРО) за трето и шесто одделение наменети и за учениците и за наставниците и достапни во електронска форма на веб-страницата на Бирото.

На новинарско прашање дали чувствува одговорност за доцнењето на учебниците, Шаќири одговори дека тој како министер ја има завршено целата постапка на крајот на јули, кога е донесена одлуката за економски оператор за печатење, и дека не учествувал во постапките на Националната комисија за учебници, Педагошката служба и во мислењето на рецензентите.

-Не можам да има одговорност за постапките кои не зависат од министерот за образование и наука. МОН веднаш кога добива одлука за печатење на учебник, тоа се завршува максимум како што е во законските рокови, додаде Шаќири.

Во однос на спојувањето предмети, тој е дециден дека нема да биде загрозен фондот на часови на наставниците.

-Во шесто одделение, и од старата програма и од претходните учебни години, предметот Природни науки беше спојуван и тука немавме дискусија. Дискусијата, со новата концепција, се отвори по предметот Општествени науки, каде имаме спојување на предметите Историја, Географија, Граѓанско образование. Тоа се однесува само за шесто одделение. Поради реакциите јас побарав од Бирото за развој на образование да се подготви техничко решение за годишен фонд на часови на наставниците по Географија, затоа што во годишниот фонд не се само часовите во шесто, туку и седмо, осмо, деветто одделение каде што имаат Географија. Тој е ист како и претходната учебна година што значи дека ќе нема проблем со фондот на часови, одговори Шаќири.

Додаде дека БРО има упатство како треба да се организираат распоредите и дека некои училишта тоа го завршиле, некои се уште не. Повика да се разгледаат наставните програми и предвидените изборни предмети и раководствата да не одлучуваат според потребите на наставниот кадар, туку според анкетите на учениците и родителите.

-Отворен сум ако има проблеми за седмо, осмо, каде дискусијата е попроблематична од шесто одделение, да се достави до МОН предлог за можни решенија – дали да се вратиме по старата Кембриџ-концепција или да продолжиме со решенијата од новата концепција, додаде Шаќири.

Во однос на средното образование, информираше дека само во една година се одобрени 150 учебници, најголем дел во стручното образование и тие етапно ќе се печатат и доставуваат до учениците во тираж којшто ќе го пријавуваат самите училишта. Овие учебници се доставени во електронска форма односно на страницата на Педагошката служба се прикачени во порталот eucebnici.mon.gov.mk.

Основците и средношколците првпат во оваа учебна година ќе имаат пролетен распуст од 29 април до 5 мај. Шаќири на прес-конференцијата ја спомна и новината за примена на нов е-дневник изготвен со поддршка на ЕУ преку ИПА-фондови. Тој е во фаза на тестирање и паралелно се прават и обуки на администрација во 40 училишта во кои ќе се примени како пилот-проект додека се потврди неговата функционалност.

Шаќири соопшти и дека МОН е фокусирано на инфраструктурата, така што во летниот период е завршена изградба или реконструкција на 56 училишни објекти.

-Тоа значи дека од утре учениците ги очекуваат подобри услови за настава во неколку училишта. Ја подобруваме енергетската ефикасност, пристапноста на училишните простории за учениците со попреченост, хигиенско-санитарски услови итн. за што вложуваме 4,5 милиони евра, додаде министерот.