
Кинеските лидери ќе треба два пати да размислат пред да решат да употребат сила против Тајван. Не е битно дали тоа ќе биде во 2025 или во 2027 година или подоцна, Тајван едноставно мора да биде спремена, вели шефот на дипломатијата
Со обемните воени вежби што ги спроведе за време на викендот, со задржувањето на военото присуство во водите и со агресивната реторика, Кина покажува дека е спремна да почне војна за Тајван, оценува шефот на тајванската дипломатија Џозеф Ву.
– Погледнете ги воените вежби, како и нивната реторика, тие се обидуваат да се спремат да тргнат во војна против Тајван. Тајванската влада ги смета кинеските закани како неприфатливи и ги осудува – изјави Ву во интервју за интервју за американската телевизија Си-ен-ен.
Американската разузнавачка заедница во неодамнешна анализа предупреди дека кинескиот лидер Сји Ѓинпинг им наредил на воените сили да бидат спремни за воен удар врз Тајван најдоцна до 2027 година. Ву истакнува дека не може да предвиди кога Кина би почнала воена акција, но изрази убедување во подготовките на тајванските сили за одбрана на островот.
– Кинеските лидери ќе треба два пати да размислат пред да решат да употребат сила против Тајван. Не е битно дали тоа ќе биде во 2025 или во 2027 година или подоцна, Тајван едноставно мора да биде спремен – вели шефот на дипломатијата.
Кина често пати одржува воени вежби близу Тајван, но овие беа значајни поради рекордниот број на борбени бродови и авиони, а особено поради првото учество на носач на авиони, со симулирани удари од воздухопловните сили.
Пекинг ги спроведе вежбите без да ги најави, веднаш по посетата на тајванската претседателка Цаи Инг-вен на САД. Таа не ги посети Конгресот и Белата куќа, но во Лос Анџелес се сретна со спикерот на Претставничкиот дом Кевин Меккарти и со неколкумина конгресмени. Слични воени вежби Кина спроведе и откако лани во август тогашната спикерка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, го посети Тајпеј. Новитет тогаш беа лансирањата проектили што го надлетаа островот.
Шефот на тајванската дипломатија ги отфрла критиките дека посетата на претседателката Цаи на САД оставила простор да биде протолкувана како провокација. Пекинг ги опиша воените вежби како „сериозно предупредување против соработката на тајванските сепаратистички сили со надворешни сили“ и како „неопходен потег за да се одбранат националниот суверенитет и територијалниот интегритет“.
– Кина не може да диктира како Тајван ќе гради пријателства. И Кина не може да диктира како нашите пријатели сакаат да му изразат поддршка на Тајван – вели шефот на дипломатијата.
Неочекувана индиректна поддршка за политиката на Кина беше изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон по посетата на Пекинг дека „Европа не смее слепо да го следи развојот и да се прилагодува на американскиот ритам или на кинеските претерани реакции“.
– Сѐ уште се обидуваме да откриеме што сакал Макрон да каже и преку француската влада да разбереме што треба тоа да значи – коментираше Ву, забележувајќи дека „француската влада му изразува поддршка на Тајван.
Кинескиот лидер Сји уште во претходниот мандат објави дека Тајван ќе биде обединет со Кина, дури и ако притоа мора да биде користена сила. Американскиот претседател Џо Бајден, пак, изјави дека САД ќе го бранат островот ако Кина го нападне, иако администрацијата во Вашингтон официјално ја прифаќа политиката „Една Кина“.
– Одбраната на Тајван е наша сопствена одговорност. САД се чинат порешени од кога било досега за да создадат ситуација во која Кина би знаела дека при воен напад врз Тајван ќе мора да плати висока цена. Ние ги цениме САД за таквиот став – вели шефот на тајванската дипломатија.
Тајван завчера почна свои воени вежби близу јужниот град Таитунг. Се увежбува одбрана од амфибиска инвазија на една од плажите што е издвоена како можна цел за десант. Министерството за одбрана не објави детали за вежбите, но жители на западниот брег на островот јавиле дека пристигнала долга колона оклопни возила од јужните региони кон воената база на полуостровот Хангџун.
На југ од островот, покрај виталната поморска трговска рута, САД веќе спроведуваат заеднички воени вежби со Филипините, најголеми досега откако двете земји постигнаа договор за одбранбена соработка.