Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) покрена дисциплинска постапка против Хрватската фудбалска федерација. Причината е истакнување на знамиња со забранета содржина на квалификацискиот натпревар во кој „коцкестите“ ја совладаа Летонија со убедливи 5-0.
Двајца навивачи во неколку наврати истакнале знамиња со усташки симболи, а истите се одамна забранети во Хрватска. Двајцата биле приведени по завршување на натпреварот и биле изведени пред Судот во Ријека.
Првиот навивач добил казна во висина од 1,300 евра, додека вториот приведен заработил затворска казна во времетраење од дваесет денови.
Приведените исто така добиле двегодишна забрана за присуство на хрватските стадиони, како и изричита забрана за патувања на гостинските натпревари на „коцкестите“. Воедно, тие ќе мораат секоја недела да се пријавуваат во најблиската полициска станица.