👁️  12

Доктори и персонал од клиниката за Кардиологија целосно незадоволни од функционирањето на клиниката бараат разрешување на директорот Жан Зимбаков, дознава Радио Лидер од извори во клиниката.

Како што дознава Лидер, од вработените биле испратени бројни писма со поплаки до Министерството за здравство затоа што, како што велат, на штета на пациентите клиниката не набавува основни материјали.

-Директорот и заменикот не набавуваат основни материјали за извршување на дел операциите, па приморан сум пациентите да ги праќам на приватни клиники или во странство иако овде ја имаме најсофистицираната апаратура. – стои во едно од писмата до министерството за здравство до кое имаше увид Радио Лидер.

Во писмото, докторот опишува и пример со конкретен случај.

-Нашата клиника поседува најсофистицирани и скапо платени Мапинг системи за електростимулација на срцевите заболувања но не се набавуваат потребните материјали иако има постоечки тендер. Како последица од тоа, пациентите се принудени спасот да го бараат во странство каде што за истите интервенции се плаќа повеќе од десетина илјади евра. Колегите шпекулираат дека материјалите не се набавуваат поради нерешени бизнис релации на медицинскиот директор Жан Зимбаков и заменикот Бушлетиќ со добавувачите, поради наводно неисплатени проценти. Но не би навлегувал во тоа, факт е дека пациенти одат во странство иако истите зафати може да се извршат кај нас. – пишува докторот до министерството.

Како што дознава Лидер, докторите и персоналот подготвуваат и порадикални чекори а во наредните денови Радио Лидер ќе објави и други детали од работењето на Зимбаков.