Почитувана јавност,
Професионалното работење и транспарентното и точно информирање, се меѓу главните принципи на функционирање на нашето претпријатие, а на тој начин продолжуваме и тековно да функционираме, што вклучува и точно информирање во ситуации кога некои субјекти се обидуваат да манипулираат со јавноста, нанесувајќи штета на претпријатието.
Вчера на еден интернет портал беа изнесени дезинформации околу купување на некакво „тракторче“ со вредност од 2.950.000 денари од страна на ЈППЈЛП Битола, а притоа беа презентирани и документи кои се од јавен карактер и јавно достапни на интернет страната на ЕСЈН.
По однос на искажаните наводи тврдиме дека се неточни, нецелосни, злонамерни и тенденциозни и истите ги отфрламе во целост, што е спротивно на начелата за правилно, точно и навремено информирање на јавноста.
Во интерес на транспарентно информирање на јавноста, ги изнесуваме следните информации во врска со постапката за јавна набавка на машини за бележење на хоризонтална сигнализација:
- Предмет на јавната набавка која беше спомената во разговорот се две, а не една машина за нанесување на боја за хоризонтална сигнализација, така да споменатата сума се однесува за две (различни машини), а сумата е вкупната сума за истите со вклучен ДДВ. Сметаме дека договорот намерно не беше презентиран во целост, иако целосниот договор им е достапен на оние кои очигледно сакале да изманипулираат со информацијата.
- Постапката на јавната набавка е извршена во согласност со ЗЈН и договорот е доделен на фирмата која ги задоволи потребните технички критериуми и останатите услови предвидени во тендерската постапка. На јавната набавка не се јави презентираниот понудувач со назив „JUNDA Made In China“, но за волја на вистината и да се јавеше немаше да му биде доделен договор од причина што истата не е со сопствен погон (односно самоодна, параметар што исто така ни е битен и секако ја зголемува цената на чинење, но и тој за жал беше предмет на потсмев и манипулација).
- Набавената машина е произведена од еден од најреномираните светски производители на ваков вид на опрема, присутен на сите континенти и со скоро едновековно искуство. Станува збор за фирмата GRACO од Соединетите Американски Држави.
- Најодговорно тврдиме дека при процесот на јавната набавка никој не се обиде ниту да фаворизира некого, ниту да изврши било какво влијание врз ЈППЈЛП или комисијата која ја реализираше набавката.
Сметаме дека наведеното е доволно да се надминат недоразбирањата кои ги поставија нецелосните наводи и тврдења, но доколку и понатаму нешто останало нејасно им стоиме на располагање на сите заинтересирани страни за достава на целата документација поврзана со постапката за јавна набавка. Истовремено, сметаме дека и интернет порталот кој презентираше неточни информации, објективно, без тенденциозност ќе ја согледа вистината и понатаму ќе постапи согласно етиката, правилата и принципите на кои се заснова новинарската дејност.
Со почит
ЈППЈЛП Битола