Од неколкуте излагање веќе имаме појасна слика што се случувало и какви биле односите во министерството за здравство. И колку е појасна сликата, толку е пострашна, истакна пратеникот Тони Јаревски на денешната седница на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.
„Беше укажано дека не бил дел од тимот Илир Хасани и дека министерот си ги имал преземено сите ингеренции во однос на комуникација, во однос на поставување, во однос на контрола, во однос на следење, во однос на споделување на информации. И заменикот бил или отстранет или пак го држел во мал круг на луѓе, односно тимот. Можете ли да ни укажете колкава група беше тоа 2, 3 или пет луѓе и кој за што беше задолжен“, Јаревски го запраша поранешниот заменик министер за здравство Илир Хасани.
Јаревски посочи дека треба да се знае како доаѓале насоките и директивите од кај министерот за здравство.
„Второ, ме интересира, бидејќи можеби немале редовна комуникација, но би требало да ги повикуваат на координации, или на брифинзи. Ме интересира дали некогаш изразил сомнеж или загриженост за состојбите во Онкологија или пак во другите клиники“, праша Јаревски.