Неодамна израелската компанија NextFerm најави нова балканска фабрика која ќе произведува ферментиран протеин, односно објави стратешки производствен договор со подизведувач во балканскиот регион за производство на ProteVin. Компанијата ја избра Битола, а според податоците од Централниот регистар, основана е на 21. ноември и запишана во Централниот регистар во петокот, односни на 2. декември.
Станува збор за приватна микро компанија која ќе биде лоцирана во индустрискиот дел на Битола на улицата Бурса, а капиталот, како што е наведено во Централниот регистар е странски. Приоритетна дејност на оваа израелска компанија е производство на хомогенизирани прехрамбени препарати и диетеска храна.
Инаку, „ProteVin е единствениот алтернативен протеин на пазарот денес со неутрален вкус и хранлива вредност слична на животните“
NextFerm е технолошка компанија за храна посветена на развивање на иновативни и функционални алтернативи на вегански протеини добиени од без ГМО квасец, додатоци во исхраната и протеини што не се добиени од животинско потекло. Најавениот производ на компанијата е ProteVin, вегански протеин со хранлива вредност слична на животните и неутрален вкус, кој сега ќе се произведува и кај нас.
ProteVin е дизајниран за различни категории на алтернативниот пазар на протеини, вклучувајќи замени за млеко и млечни производи, замени за месо и дополнителни категории како што се исхрана за доенчиња, исхрана за возрасни и спортска исхрана.
Според компанијата, новоотворената производствена фабрика ќе има годишен капацитет за производство на ProteVin до 10 милиони американски долари почнувајќи од четвртиот квартал од 2023 година и ќе го замени сегашниот пилот производствен капацитет со договорниот производител GFR Canada.
Извршниот директор Боаз Ној кон средината на септември за Vegconomist рече:
„Овој договор за производство на нашиот вегански протеин е важна пресвртница за нашата компанија и претставува транзиција во индустриска компанија во областа на алтернативните протеини. Фабриката беше дизајнирана на начин што ќе овозможи инвестирање во производствениот капацитет во согласност со зголемувањето на побарувачката.
Подизведувачот ќе ги спроведе фазите на пуштање во употреба и, откако објектот ќе биде готов, ќе биде задолжен за производство на ProteVin и пекарски квасец. Договорот се однесува само на производствени услуги.
NextFerm, од своја страна, ќе ги сноси трошоците за набавка и инсталација на опремата неопходна за производствени операции. Компанијата проценува дека ќе треба да инвестира 6 милиони долари за да ја заврши фабриката за производство со производствен капацитет од десетици милиони долари годишно.
„ProteVin е единствениот алтернативен протеин на пазарот денес со неутрален вкус и хранлива вредност слична на животните, и веруваме дека ќе стане водечко решение во глобалната алтернативна протеинска индустрија“, изјави Ној кога ја најави новата фабрика на Балканот, пренесува Фактор.