👁️  12

Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски претрпе синоќа пораз во првото коло на Челинџер турнирот „Рафаел Надал Опен“ што се игра за награден фонд од 73.000 евра во Мајорка, откако загуби од искусниот 34-годишен Жоао Соуса (259 место АТП) со 2-0 во сетови (6-4, 7-6).

Португалецот во текот на мечот кој траеше безмалку два часа ја чекаше секоја грешка на Ивановски и најчесто таквата игра му носеше резултат

Во првиот сет Ивановски го загуби гемот на свој сервис во петтиот гем, па така Соуса поведе со 3:2, а потоа со 4:2. Македонскиот тенисер во осмиот гем не реализираше две брејк топки, па противникот дојде до предност од 5:3. Во следниот гем Ивановски спаси една сет топка, а потоа и не реализираше брејк шанса и сетот заврши со 6:4 во гемови за португалскиот тенисер, кој имаше еден брејк од три можности, а Ивановски 0/3.

Во вториот сет до 3:3 беше нерешено без брејк. Соуса направи брејк во седмиот гем, а Ивановски го врати во осмиот гем и изедначи на 4:4. Така беше до крајот на сетот, па одлуката падна во тајбрејкот. По првите шест поени беше 5:1 за Соуса, а Ивановски намали на 6:4, а потоа спаси и една меч топка, но следната не успеа да ја спаси.  (МИА)