👁️  5

Италијанската влада воведе данок од 40 проценти на овогодинашната неочекувана добивка на банките, а приходот од тој данок ќе им помогне на имателите на хипотекарни заеми и ќе ги намали даноците за граѓаните.

Вицепремиерот Матео Салвини изјави дека ќе се оданочува профитот што банките го остваруваат од повисоките камати, пренесува денеска лондонски Гардијан.

„Доволно е да се погледне профитот што го остварија банките во првата половина на 2023 година, како и резултатите од зголемувањето на каматните стапки на Европската централна банка, за да се разбере дека не станува збор за неколку милиони евра, туку околу милијарди“, рече тој.

Банките имаат корист од зголемувањето на каматите, бидејќи годинава порасна каматата што ја наплатуваат, а ги намалија трошоците за каматите што им ги плаќаат на штедачите.

Новиот данок ќе опфати 40 проценти од таа разлика што е новата добивка на банките.

„Трошоците за кредити се удвоија за домаќинствата и економијата, но не и за нивните приходи“, рече Салвини.

Минатиот месец најголемата италијанска банка Интеса Санпаоло го зголеми очекуваниот профит бидејќи заработи 2,27 милијарди евра нето повеќе отколку што предвидуваше во периодот април-јуни.