Пред своите навивачи во Бари најдобрите италијански одбојкари со резултат 3:2 во сетови ја елиминираа селекцијата на Холандија.
Холанѓаните кои беа едни од нашите ривали во групната фаза одиграна во Скопје, го освоија првиот сет со 25:19.
Возвратија Италијанците доминирајќи во следните два сета (25:17, 25:16), а во четвртиот за егал се погрижија „лалињата“ откако беа подобри со 25:23.
Последниот патник во следната фаза беше решен во последниот петти сет кој го доби Италија со 15:12.
За Италија најефикасен беше Алесандро Микелето со 22 поени, следен од Даниеле Лавиа со 16. Кај Холандија најрасположен беше Нимир Абдел-Азиз со 31 поен.
Полуфиналните дуели, натпреварот за третото место и финалето ќе се организираат во Рим, Италија. Потсетување дека Италија ја брани европската титула од минатиот континентален собир пред две години.