👁️  19

Ракометарите на Алкалоид освоија историски бод во Европската лига на ЕХФ, вицешампионот на Македонија вечерва ремизираше против Ла Риоха со 29-29.

Момците на Кирил Лазаров се прикажаа во одлично светло на гостувањето во Шпанија, можеа да дојдат и до победа, ама во клучните моменти имаа неколку промашувања.

Ла Риоха создаде предност од три гола на почетокот од натпреварот (4-1), а Алкалоид се избори за егал (7-7), но домаќините брзо се вратија во позитива и на пауза заминаа со водство од 18-15.

Шпанскиот тим поведе и со четири гола во вториот дел, но Алкалоид влезе во одлична серија и со 5-0 го сврте резултатот во своја корист (20-21).

Вицешампионот на Македонија потоа не искористи неколку шанси за +2, Ла Риоха додаде гас и повторно избегаа на три разлика (28-25).

Алкалоид значително го подигна нивото во завршницата од натпреварот, и по вистинска драма успеа да стигне до 29-29 и да освои бод, историски прв во Европа.

Арно Бинго постигна седум, а Џонов запиша шест голови за Алкалоид, додека во редовите на Ла Риоханајефикасен беше Пресиадо Рамос со седум погодоци.