Аналитикум: Г-дин Јани, како го гледате Вашето учество во актуелната кампања за парламентарните избори во Република Албанија?
Панди Јани: Искрено, оваа година не сум активно вклучен во самата изборна кампања. Тоа е моја лична одлука, но тоа не значи дека сум се откажал од борбата за правата на Македонците во Албанија. Напротив, секогаш ќе бидам со мојот народ и ќе се залагам за неговите интереси – без разлика дали преку политичка активност или преку мојата работа како активист.
Аналитикум: Што им порачувате на Македонците во Албанија пред овие избори?
Панди Јани: Ги повикувам сите Македонци во Албанија масовно да излезат на гласање. Гласот е сила, а кога се обединуваме, ние испраќаме силна порака. Поддржете ја опозицијата коалиција – Партијата на Слободата и Демократската партија, доколку нема кандидат за пратеник македонец дадете го гласот по сопствено убедување за пратеник од опозицијата кој искрено се залага за правата на нашата заедница. Тоа е наш начин да обезбедиме поголема застапеност и да имаме глас во парламентот.
Аналитикум: Што планирате понатаму во вашата борба за македонските права?
Панди Јани: Мојата борба нема да запре. Ќе продолжам да бидам гласот на Македонците, особено оние што немаат можност да бидат чуени. Ќе работам преку граѓански иницијативи, медиуми, како и преку меѓународни канали за да ги претставам реалните проблеми на нашата заедница. Не ми треба функција за да се борам за правдата.
Аналитикум: Дали имате порака за македонската држава?
Панди Јани: Да, апелирам до Република Северна Македонија да обрне поголемо внимание на Македонците во Албанија. Ние сме мост на пријателство меѓу двете држави, но за да ја играеме таа улога, мора да имаме поддршка – и институционална и дипломатска.
Аналитикум: И за крај, што би им порачале на младите Македонци во Албанија?
Панди Јани: Да не се срамат од својот идентитет, да го негуваат јазикот, културата и традицијата. Бидете активни, образовани и гласни. Само така ќе ја обезбедиме нашата иднина како заедница.








