
Индија ја престигна Кина како најнаселена земја во светот, според проценките на ОН, што е најзначајната промена во глобалната демографија досега.
Според проекциите на ОН, кои беа пресметани врз основа на различни фактори, вклучувајќи ги и податоците од пописот и стапката на наталитет и смртност, Индија сега има население од 1.425.775.850 жители, со што за прв пат ја надмина Кина, пишува „Гардијан“.
Тоа е, исто така, прв пат од 1950 година, кога ОН првпат почна да води глобална евиденција за населението, Кина да биде исфрлена од првото место.
Намалувањето на населението во Кина е резултат на децениските строги закони за контрола на зголемениот наталитет во земјата, вклучувајќи го и воведувањето на политиката за едно дете во 1980-тите. Ова вклучуваше казни за раѓање дополнителни деца, принудни абортуси и стерилизации. Иако првично беше многу ефикасна во контролата на населението, оваа политика стана жртва на сопствениот успех, а земјата сега се бори со стареењето на населението, што може да има сериозни економски импликации.
Дел од проблемот е што поради традиционалната преференци за момчиња, политиката на едно дете доведе до огромна родова нерамнотежа. Бројот на мажи сега е поголем од жените за околу 32 милиони.
„Како може земјата да го зголеми наталитетот сега, со милиони исчезнати жени“, прашува Меи Фонг, авторка на „Едно дете“.
Неодамнешните мерки воведени во Кина за да се охрабрат жените да имаат повеќе деца не го стимулираат растот на населението.
Жените сè уште имаат само 1,2 деца, а популацијата се очекува да се намали за речиси 10 проценти во следните две децении. Според проекциите, големината на кинеското население би можело да падне под една милијарда пред крајот на векот.
Секој ден се раѓаат 86.000 бебиња
Населението на Индија порасна за повеќе од милијарда од 1950 година. Иако растот сега е забавен, се очекува бројот на луѓе во земјата да продолжи да расте во текот на следните неколку децении, достигнувајќи го врвот од 1,7 милијарди до 2064 година. Денес, во Индија во просек се раѓаат 86.000 бебиња дневно, наспроти само 49.400 во Кина.
„Претходните проекции велеа дека ќе ја престигнеме Кина во 2027 година, така што тоа се случи четири години побрзо, главно поради нашата млада популација. Но, во исто време, исто така, го намаливме растот на населението и достигнавме стабилизација на населението побрзо отколку што замислувавме и ќе продолжиме да го правиме тоа. „Се успорува сè додека останеме на вистинскиот пат. Така што мислам дека нема потреба од аларм“, рече Пунам Мутреја, извршен директор на Фондацијата за население на Индија.
Сè уште не е познат точниот број на индиското население, поради доцнењето на владата со спроведувањето на пописот, кој обично се одржува секоја деценија. Тоа требаше да биде во 2021 година, но беше одложено поради пандемијата „Ковид-19“, а владата, предводена од премиерот Нарендра Моди, допрва треба да објави датум за почеток.