👁️  257

Фудбалерите на Милан со 2:0 (1:0) на домашен терен славеа против Аталанта во рамките од 24 коло во најсилното италијанско првенство.

„Росонерите“ бодовно се израмнија со Интер, со по 47, но со 18 бодови помалку од водечкиот Наполи (65) на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас. Аталанта е на шестото место со 41 бод.

Милан поведе во 26 минута кога Тео Ернандез од 20 метри ја погоди стативата, но топката се одби од грбот на несреќниот гостински голман Мусо и заврши во мрежата. Голот беше запишан како автогол на чуварот на мрежата на Аталанта.

Победата беше потврдена во 86 минута кога Месијас изби сам пред Мусо и рутински го матираше.

Средбата ја одбележа и првиот настап оваа сезона на 41-годишниот Златан Ибрахимовиќ, кој на теренот се врати девет месеци по операцијата на коленото, влегувајќи во игра во 73 минута.