👁️  33

Група беровски пожарникари деновиве престојуваат во Република Словенија, каде следат обука со која се опфатени повеќе модули од противпожарната заштита.

Обуката, како што информираа од Територијалната противпожарна единица од Берово, ќе биде за гаснење шумски пожари и пожари во затворен простор.

-Меѓу другото обуката е и за дејствување во случај на пожари на куќи, станови, интервенции при сообраќајни несреќи и поплави, по претходно направена спецификација, на она што ни е потребно, истакнаа од ТППЕ Берово.

Словенечките пожарникари претходно за пожарникарите од Берово донираа опрема и униформи, но, како што додадоа, беровските пожарникари планираат и во иднина да помогнат во рамки на своите можности.

Градоначалникот на Берово Звонко Пекевски ја поздрави се поголемата иницијативност на беровските пожарникари за учество на ваквите обуки кои се клучни во нивните напори за заштита на населението и шумите од појава на пожари, како во нивните домови така и на отворен простор

-Благодарност до градоначалникот на Општина Раденци, Роман Лељак, за беспрекорниот прием на нашите пожарникари и за целокупниот ангажман и организација на обуките, истакна Пекевски.

Беровската Територијална противпожарна единица во септември на покана на доброволно противпожарно друштво „Нова Горица“ исто така од Словенија учествуваше на обука за основни тактички постапки за гаснење на пожари, во затворен простор, како и обука за интервенција на пожарникари во случај на сообраќајна несреќа.