Според аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов, доколку постои гранка која носи финансиски приходи таа мора да се развива. Во колумната за Нетпрес „Еко-лажњаци и други“, тој пишува дека „таа гранка се вика бакар“. Грозданов смета дека голем број од тврдењата на активистите кои бараат да не се отвори рудник за бакар во Иловица се неосновани и обвини дека тие манипулираат со јавноста.
-Вредноста на прва руда со сите отворени и неотворени рудници на скапоцени метали во Македонија се мери во капитал од многу милијарди евра. Македонија мора да создаде Јавно Претпријатие Топилница на обоени метали олово, цинк, бакар, злато и сребро). Лична сопственост на Македонија и со надлежност за трговија со металите ископани на нејзина територија. Ова е само дел од стратегијата која ја пишуваме ние нормалните кои велиме дека „Бронзеното Време“ го развило земјоделието, транспортот и комуникациите. За „Патлиџан време“ не слушнал никој, дури ниту вистинските екологисти не разбираат дека патлиџан всушност мора да се вика „Домата“. Сепак, еко „лажњаците“ мислат дека се во предност. Еден таков е и лидер на политичка партија која го измисли терминот „Рудници на Смрт“. Дали знаете зошто е тоа направено? Бидејќи родителот на лидерот на политичката партија е кодош на нашите безбедносни служби и ги дели сите моменти стекнати со Драган Богдановски кај нив. И тоа знаете кога. Во 1969 година. Досието е кај мене. Како беше? Ќе тркне …..(кодошов) до Русија, па ние ќе му дадеме пари за книгите што ќе му ги однесе на Драган. Е сега ако го имам јас досието, тогаш го има и некој друг. Значи за разлика од мене, некој сериозно работи на случајот Македонија да пропадне, напиша Грозданов.
Тој најави дека во следната колумна ќе сподели информации за работата на Македонската Асоцијација за Рударство (МАР) и за Николајчо Николов од рудникот „Бучим“, кој е и претседател на МАР.
-Драги мои читатели, обременети со секојдневните животни предизвици, досега не сте имале прилика да се соочите со вистината. Кога ќе разберете со кого си имаме работа, ќе Ви се крене косата на главата. Повторувам, нема случајности во животот. Некои (не)добронамерници, свесно со умисла или ставени во заблуда, за грст пари прифатија да одработуваат еден ГРАНДЕ АНТИ НАТО ПЛАН кој мора да ја држи Македонија во „статус кво“ состојба, особено во делот на рударската индустрија. Во нивните планови Македонија по ниту една цена не смее да пркне на економски план. За нив е најефикасно Македонија да стане земја на духови, сите млади да избегаат надвор, а тие хибридно да владеат со ресурсите кои лежат под нашата македонска почва. Наша обврска е да помогнеме лагите да се разобличат, потенцира Грозданов.
Според него, треба да се изврши притисок врз најодговорните политички чинители, по прашањето на рударската индустрија, односно тие да не водат „купи ден, продај ден“ политика.
-Ова прашање е поголемо од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тука нема простор за политиканство и гол популизам. Борбата за гласови да се води на други теми. Развојот на рударската индустрија во Македонија е прашање на визија за долгорочен економски развој, заклучува Грозданов.