Аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов во својата последна колумна „Од кого зависи македонскиот благодет!?“ напиша дека министерката Каја Шукова е еден од главните кадри во сегашната Влада од чиј „суд“ зависи дали Македонија ќе се развива или ќе тоне во економска депресија и долгови. Тој подолг период во своите статии потенцира дека државата треба да овозможува инвестиции во металургијата, наместо неосновано да ги кочи, а како пример го посочува рудникот за бакар во Иловица. Според Грозданов, однесувањето на министерката Шукова е симптоматично, недолично и недозволиво површно.
-Во една прилика е загрижена за земјоделството и заради ЕУ фондовите во аграрот, изјавува дека рударството мора да биде прекинато. Истата Каја Шукова на денот на рударите пак изјавува нешто сосема спротивно, цитирам: „Рударството е важно за развојот на индустријата на една држава, преку вложување во луѓето, соодветни услови за работа, но и вложување во општеството“. И ај сега, фати му го крајот! Затоа, јас сум принуден како сожител со нормалните кои сакаме инвестиции во сите сфери, економски, социјални и еколошки, да го предупредувам општеството што се случува во реалноста. Се надевам дека после оваа колумна Каја Шукова ќе почувствува потреба да објасни на премиерот Димитар Ковачевски, министрите Оливер Спасовски и Славјанка Петровска, дали јас зборувам глупости или вистина од која се крева косата на главата, пишува Грозданов.
Тој додава дека министерката за животна средина, од една страна јавно пропагира дека новите рудници се штетни по здравјето, но од друга страна се посвети на веќе постоечките и ја праша дали знае дека во Македонија некој ја крши Базелската Конвенција и тоа со радиоактивен отпад.
-Во кругот на која фабрика се складира таканаречена „филтерска прашина“, со која е загрозено здравјето и животот на повеќе од 100 илјади наши граѓани? Станува збор за огромен и многу опасен скандал. Станува збор за депонија од отворен карактер во која се складира отпад, за кои има сериозни сомневања дека содржи одредено ниво на радијација, заради што мора да биде третирана во херметички затворени садови.
Наспроти тоа во оваа фабрика прашината со тежина од околу 40 илјади тони, е складирана на отворено без никаква заштита. Второ стимулативно прашање: Кој и со чие знаење е заинтересиран и договара бизнис со Руси кои имаат фирми на Кипар со извесен Андреј К.? И сега како Каја Шукова заедно со своите најблиски соработници ќе објаснат како е можно во земја членка на НАТО Алијансата, како што е Македонија, да извесни Руси товарат 3000 тони од фабриката, како демек е тест, па ќе го складираат во несоодветен транспорт со лажни вреќи набавени од Италија, да го транспортираат до пристаништето во Солун, па во меѓународни води да направат промена на документите и лажно да претстават дека товарот доаѓа од Турција, а истиот наводно ќе заврши во Иран, прашува Грозданов.
Според инженерот, рударството е натпартиска работа затоа што имплементацијата на секој нов проект во овој сектор опфаќа повеќе мандати на различни Влади и овие проекти мора да бидат надвор од дневната политика и не се теми на кои се печалат гласови со предизборен популизам.
-За одредени одлуки е потребна политичка храброст особено ако надлежните имаат способност да гледаат подалеку во иднината. Во Македонија живееме еден парадокс. Власта и клучните политички фактори стравуваат да застанат зад проекти кои ќе и овозможат на државата да стане економски независна. Апсурдот да биде поголем, клучните индивидуи самите дозволуваат да станат заложници на неколкумина лажни еко активисти кои прават привид дека зад нив стојат илјадници граѓани. Или, можеби така им одговара за да не носат тешки одлуки во нивниот мандат. А пустото, еве на пример, во Струмичката котлина, особено во руралните средини, се помалку млади може да се сретнат, затоа што повеќето се иселени во туѓина во потрага по егзистенцијата, нагласи Грозданов.
Тој смета дека т.н. лажни еко активисти имаат скриена агенда.
-Тие искрено не се борат за здрава животна средина. Тие одработуваат за задржување на „статус кво“ состојба од која некој дебело профитира, а и малкумина од овие се задоволни, бидејќи им дозволуваат да стават по некое прсте во кајмакот. Затоа и оваа колумна се занимавав со Министерката за животна средина. Не затоа што сум опседнат со неа (скраја да е), туку затоа што нејзиното поведение е типичен пример за политички страв или стручна неукост која многу скапо го чини ова општество, пишува Грозданов.