👁️  12

Аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов во најновата колумна за „Нетпрес“ ги нарече „зелена мафија“ еко-активистите кои протестираа против отворањето на рудникот за бакар „Иловица-Штука“. Тој во колумната најави дека ќе започне анализи што ќе ја разобличат, како што ја опиша, еколошката измама.

-Во наредниов период од неколку недели како што Ви ветив драги читатели ќе посветам внимание на тема непосредно врзана со моето образование како дипломиран инженер за екстрактивна металургија проткаено со професионалното минато, а тоа се медиумите. Мора да се обратам на здраво разумните луѓе во оваа Македонија дека сме под силен налет на специјален центар од источна словенска култура (ни се претставуваат како браќа), кој сака по секоја цена да ја разнебити оваа држава, која маченички сме ја стекнале и тоа само во еден правец, пишува Грозданов.

Без да наведе име на лицето за кое пишува тој вели дека екологисти од Скопје, со решено егзистенцијално прашање им кажуваат на струмичани дека земјоделието ќе пропадне ако рударскиот комплекс Иловица-Штука се изгради.

-Ни Струмица, ни котлина, ни Штука, важно тој си работи во Скопје и по налог на „Зелена Мафија“ и другите од центарот за разнебитување на Македонија е екологист од пристојна дистанца, кој треба по секоја цена да спречи долгорочен економски развој за регионот каде е роден. Е затоа се чувствувам повикан, како општествено одговорен човек, да дадам свој влог во разобличувањето на една еколошка измама, пишува Грозданов.

Според него, некој има интерес да не се реализира инвестицијата и оценува дека од таа причина има создадено екологисти „кои сите нормални би ги нарекле „Зелена Мафија“.

-Но, се удира врз најмилото и најсуштинското. Врз нашите деца и врз нашата определба Македонија. Едноставно да нема никој од нас кои со милениуми сме присутни. Да ја продадат и разнебитат оваа убавина Македонија и да Ве изманипулираат сите вас со нивните полтрони и еколошки „Вистински Лаги“ дека се живее од воздух. Ова е напад врз целата интелектуална сила без разлика дали станува збор за политичари, писатели, глумци, уметници, новинари или вистински научници и патриоти, пишува Грозданов во колумната.