Само неколку часа откако ја одби понудената помош од Албанија, во возила и пожарникари, Грција се „премисли” поради вонредната состојба со пожарите во земјата, јави Топ чанел.
Според истиот извор Министерството за одбрана имформирало дека во соседната држава ќе заминат 10 противпожарни возила и 50 пожарникари.
– Министерот за одбрана Василис Кикилијас побарал помош преку албанската амбасадорка во Атина, Луела Хајдарага за да се избегне механизмот на Европската унија поради бирократија. Барањето таа веднаш му го пренела на министерот Нико Пелеши. Одобрено е испраќање на 10 противпожарни возила и околу 50 пожарникари и персонал за поддршка, наведува телевизијата.
Се очекува возилата да поминат пред полноќ на граничниот премин Капштица, кај Корча и да бидат распоредени на подрачјето на Александрупол за да учествуваат во гаснење на пожарите на ова подрачје.
Претходно министерот Пелеши објави дека тим од 58 лица и 10 возила од општина Корча, Дропул, Малиќ и Ѓирокастеро биле подготвени и се стационирале во близина на границата со Грција, кај Билишта, округ Корча, за да заминат и да помогнат во гаснењето на пожарите. Но, грчките власти ја одбиле понудената помош со образложение дека не и треба помош за гаснење од земја, по што тие се вратиле.
Албанија искажала непосредна подготвеност да помогне по барањето за помош испратено од Грција до Европскиот механизам за цивилна заштита.