Над 60 отсто од граѓаните сметаат дека државата не е подготвена да се справи со економската криза и инфлацијата, покажува истражувањето на јавното мислење кое за емисијата Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС) на репрезентативен примерок од 1.119 испитаници преку телефонска анкета реализирана во периодот од 23 до 26 декември.
Според истражувањето, 60,7 отсто од анкетираните сметаат дека земјава не е подготвена да се справи со економската криза и инфлацијата, додека подготвеност гледаат 32,4 отсто.
Дури 62,7 отсто од граѓаните се на ставот дека не даваат резултати досегашните мерки кои Владата ги воведе за справување со последиците од економската криза и инфлацијата, додека ефект од нив гледаат 28,5 отсто од анкетираните.
Најнезадоволни од мерките се во Пелагонискиот регион каде 69 отсто од граѓаните се на ставот дека владините мерки не даваат резултати.