👁️  138

Голем пожар избувна во близина на градот Каристос во јужниот дел на грчкиот остров Евија, превентивно беа евакуирани жителите на две села, а силниот ветер го отежнува гаснењето, јави дописничката на МИА од Атина.

Според локалните медиуми од островот, огнената стихија е вон контрола, а ветерот со јачина од над осум Бофори (над 62 километри на час) постојано ја менува насоката на пожарот, но и не дозволува да интервенираат воздушните средства.

Претседателот на заедницата на едно од евакуираните села за грчката новинска агенција АНА-МПА истакнал дека пожарот е многу голем и вон контрола, а во опасност се домови, штали и животни.

Идентични се и сведоштвата за информативниот портал „Евима“ од Евија, на жителите на областа, кои рекле дека се загрозени куќи и сточарски објекти.