👁️  19

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ експресно се справи со Томи Пол и со 3-0 (7-5, 6-1, 6-2), па се пласираше во финалето на Австралија опен. Првиот фаворит во Мелбурн одигра според планот, го декласира противникот од Америка и закажа меч за трофејот со Стефанос Циципас.

Пол парираше само во првиот сет, иако отвори катастрофално. Ѓоковиќ тргна со два брејка и 5-1, имаше сет-топка која не ја искористи, а потоа Пол врати во иста мера и дојде до 5-5. Сепак, Србинот се стегна во завршницата и со 7-5 го доби првиот сет за круцијална предност.

Тоа како да го „скрши“ американскиот тенисер, па во продолжението беше целосно инфериорен. Ѓоковиќ заигра неверојатен тенис, со два одземени сервиси дојде до 5-0, за да го реши вториот сет убедливо со 6-1 во своја корист. Слично беше и во третиот, Пол немаше одговор за фуриозната игра на ривалот, па Новак лесно дојде до 4-0 со двата брејка и го затвори мечот со 6-2 по само два часа и 22 минути.

Финалниот натпревар на турнирот во Мелбурн е закажан за в недела во 09:30 часот на „Род Лејвер Арената“.