👁️  12

„Власта треба да се извлече од опсесијата со прашањето на уставните измени и да видат малку поширокиот контекст да се обидат да го почуствуваат, така можеби ќе се сетат како да предложат и подобро решение за влегување на Бугарите во Уставот и дефинитивно да престанат да го кодошат македонскиот народ, опозицијата и сите оние кои се против ова решение кое сега се нуди, дека се против затоа што луѓето ги мразат Бугарите и затоа се против Бугарите да бидат во уставот, тоа не е вистина и не е точно“, истакна новинарот Бранко Героски во вечерашното гостување во емисијата „Аргумент плус“ на Телевизија 24.

Тој додаде дека власта влегува во оваа приказна пропагандистички, површно и влегува со една сервилност со прифаќање на уцените од Софија од кои не може да се конституира сериозна одржлива политика.

„Навистина може да се најде подобро решение за уставните промени, да Европа нас ни вели мора да ги внесете Бугарите во Уставот, тоа е јасно, но Европа не ни вели дека мора вака да ги внесете, Европа не вели стави запирка пиши Бугари стави точка. Што ние ќе запишеме во Уставот и како ние ќе го стокмиме тоа решение дали ќе предвидиме можеби и еден наратив со кој ќе го зацврстиме идентитетот на македонската нација со што ќе кажеме дека оваа држава почнува меѓудругото и на долговековната традиција, култура, идентитет на македонската нација“, кажа Героски.

Тој истакна дека има простор да се направи подобро решение и јавно го повика премиерот Ковачевски да го повлече сегашниот предлог, бидејќи има доволно време да се врати на маса со друг подобар предлог ако веќе уставните промени се клучот.