👁️  26

Германската Влада го одобри долгоочекуваниот закон за модернизација на законот за државјанство, јавува Анадолија.

На прес-конференција во Берлин, министерката за внатрешни работи Ненси Фезер соопшти дека предложениот закон ќе го рационализира процесот на натурализација и ќе овозможи двојно или повеќекратно државјанство за имигрантите.

– Воведуваме модерен закон за имиграција кој подобро ќе и служи на нашата модерна и разновидна земја. Новиот закон за државјанство е една од најважните реформи на нашата коалициска влада. Многу ми е драго што сега го спроведуваме, рече таа.

Според предложениот закон, имигрантите ќе имаат право на германско државјанство по пет години престој во земјата, наместо претходните осум години. За имигрантите кои покажале исклучителни академски или професионални достигнувања и добро го зборуваат јазикот, овој период ќе се намали на три години.

Законот, исто така, ќе им овозможи на имигрантите да имаат двојно или повеќекратно државјанство, што во моментов не е можно за повеќето имигранти.

Децата родени во Германија, а кои имаат родители странци, ќе можат да добијат германско државјанство доколку барем еден родител легално живеел во земјата најмалку пет години. Овие деца ќе можат да го задржат државјанството на нивните родители.

Во моментов, повеќе од 12 милиони луѓе во Германија, околу 14 отсто од вкупното население, немаат германско државјанство. Според официјалните податоци, околу 5,3 милиони од нив живеат во земјата најмалку 10 години.

Реформата на законот за германско државјанство беше централен дел од коалицискиот договор, кога социјалдемократите, зелените и либералните Слободни демократи формираа коалициска влада пред две години.

Канцеларот Олаф Шолц во неколку наврати рече дека забрзувањето на процесот на натурализација, овозможувајќи повеќекратно државјанство за имигрантите, ќе ја подобри интеграцијата, социјалното и политичкото учество.

Предложениот закон треба да биде одобрен од парламентот и се очекува за него да се расправа во Бундестагот по летниот одмор.