
Израел води сеопфатна војна против милитантите на Хамас за да постигне трајни промени и да ја заштити својата иднина како просперитетна демократија, изјави денеска израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, нарекувајќи го Хамас дел од „оската на злото“ со Иран.
За време на прес-конференцијата со неговиот американски колега Лојд Остин, израелскиот министер беше прашан дали Техеран дал согласност за нападот на Хамас од Појасот Газа.
-Не е важно, бидејќи идејата беше иранска, рече Галант.
На седмиот ден од борбите, Галант рече дека палестинските цивили кои „сакаат да си ги спасат животите“ мора да го послушаат предупредувањето на Израел и да се евакуираат на југ од енклавата.
Обединетите нации предупредуваат дека има хуманитарна криза од невидени размери.
Галант одби да одговори на новинарско прашање дали Израел ќе го почитува 24-часовното предупредување за евакуација што беше издадено утринава.
-Ова е војна за постоењето на Израел како просперитетна, демократска држава, дом на еврејскиот народ, рече тој.
„Се бориме за нашиот дом. Се бориме за нашата иднина“, продолжи тој.
-Патот ќе биде долг, но ви ветувам дека на крајот ќе победиме, заклучи Галант.