
Денес, на 21 јануари 2025 година, во просториите на музејот „Стерјо Спасе“ во селото Глобочени, свечено беа подарени 56 примероци од книгата „Мала Преспа“ на авторот Гуре Дума. Настанот ја потврди важноста на зачувувањето на македонското културно и историско наследство.
Церемонијата на примопредавање беше извршена помеѓу Панди Јани, македонски активист и претседател на партијата на Слободата во општина Пустец кој овозможи овие примероци да пристигнат во музејот, и Ефтим Митревски, ктитор на музејот „Стерјо Спасе“, книгите ќе бидат подарени бесплатно на сите посетители кој ќе го посетат музејот.
Книга со непроценлива вредност
Книгата „Мала Преспа“ е уникатно дело кое ја претставува богатата историја и традиција на Македонците во овој регион. Покрај историските и географските податоци, книгата длабоко навлегува во секојдневниот живот на луѓето од Мала Преспа, опишувајќи:
- Организирањето на големите семејства
- Односите помеѓу младите и старите
- Семејните и верските обичаи
- Традициите поврзани со свадбите, изградбите на домови и уредувањето на домовите
Ова дело, како што истакна Спиро Малевски, покровител на книгата и внук на авторот, е сведоштво за тоа дека жителите на Мала Преспа се нераскинлив дел од македонското семејство.

Апел за младите генерации
Македонскиот активист Панди Јани нагласи дека е од огромна важност оваа книга да биде прочитана од младата генерација.
„Само преку вакви дела можеме да ги разбереме нашите корени, обичаи и светоста со која низ историјата се чувале македонските вредности. Младите треба да знаат кои сме и што сме,“ истакна Јани.
Зачувување на идентитетот
Овој настан претставува уште еден чекор кон зацврстување на македонскиот идентитет и промоција на културното наследство на Македонците од Мала Преспа. Книгата „Мала Преспа“ ќе биде достапна за посетителите на музејот „Стерјо Спасе“, каде што ќе служи како извор на знаење и инспирација за идните генерации.
Честитки за сите кои придонесоа за овој значаен чин на културно збогатување!
За многу години културниот развој и зачувувањето на македонските вредности!