
Во организација на Здружение „ЗЛАТНО ПЕРО“ Битола како и секоја година и оваа година по повод 2-ри април роденденот на данскиот писател за деца Ханс Кристијан Андерсен, Здружението за наука, култура и литература „ЗЛАТНО ПЕРО“ Битола, организира Републички литературен фестивал„Мали ѕвездички“ за ученици од сите основни школи на сите градови на Македонија, со цел одбележување на Светскиот ден на литература за деца.
Оваа е десетта книга по ред од деца за деца. На конкурсот се јавија голем број ученици од кои во збирката„Животот е бајка 2“ зедоа учество 92 ученика со различна возраст од I -IX одделение, но, сите со иста цел и ентузијазам да ткаат стихови во разбојот на уметноста, магични,фантастични, полни со емоции со силината на зборот и игривото перо.
Стиховите испишани од длабочината на детското срце со многу набој,сензитивни и суптилни,со доминантни поетски специфики, всушност се стихови кои извираат од длабочината на едно невино детско срце,за животот, родителите, природата, татковината, љубовта кон книгата и пишаниот збор и многу неостварени соништа кои доведуваат во бунило во секојдневието каде растат.
Овие талентирани мали но, „големи поети“ умеат како да го обојат светот околу себе ,светот во кој сонуваат за среќно детство.
Кога се пишува литература за деца секогаш треба да се има во преден план прекрасната мисла на Пол Хазард: „Децата не се само идни возрасни луѓе,туку и возрасните се поранешни деца.“ Уште од најрана возраст на децата треба да ѝм се читаат книги и раскажуваат сказни за да се делува стимулативно врз нивната креативност. Децата кои читаат имаат поголема самодоверба,комуникациски вештини и креативност кои доаѓаат до израз во нивните стихови.
Да ѝм помогнеме на младите амбасадори на песните да ја подобрат меморијата, имагинацијата , комуникациските вештини и фантазијата која е пресуден фактор за индивидуалниот и социјалниот напредок.
Секој кој ќе ја прочита оваа книга ќе се сети на минатото на детството каде сите соништа се со боите на виножитото, зашто детството е како жарче кое гори и никогаш не згаснува и возрасните кога се навратат кон детството, за миг ќе ја почувствуваат таа магија на убавото време,состојба на моќна љубопитност.
Децата се најубавиот дар што сме го добиле,затоа да ѝм подадеме рака да го остварат својот сон , да се доближат до орото на светски познатите писатели.
„Кога конечно ќе се вратиш во својот стар дом, ќе сфатиш дека не ти фалел домот туку детството.“ – Сем Јуинг
Оваа книга ѝм ја препорачувам на секое дете и на возрасните, секој да ја прочита и ќе сфати дека „Животот е бајка“