Гори сува трева, грмушки но и квалитетна шума кон штипското село Пиперово. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов информира дека огнените јазици имаат зафатено од 15 до 20 хектари сува трева, грмушки и нискостебелсти растенија.

Поради непристапниот терен во квалитетната шума активиран е хеликоптер на МВР кој вода полни од вештачкото езеро Мантово.

Ангелов посочува дека пожарот е меѓу езерото Мантово и месностото викано 20 километри во близина на регионалниот пат Штип-Радовиш.


Командирот на ТППЕ-Штип, Дарко Коцев информира дека пожарот е пријавен околу 14 часот, а во неговото гаснење се вклучени пожарникари од Штип, Радовиш и од Доброволното Противпожарно друштво од Општина Конче.

-Досега на територија на Општина Штип на отворено имаме интервенирано на околу 68 шумски пожари, стрништа, ниско стеблеста шума. Ова е првпат оваа година да се вклучи хеликоптер во гаснење на пожарите во штипско-карбинскиот регион, бидејќи досега успевавме сами да се справуваме и да ги гаснеме пожарите, вели Коцев.

Портпаролот на ЦУК, Илија Бојаровски информира дека на терен почнало да дува ветер, но какошто вели хеликоптерот навреме пресече за да не се шират огнените јазици.