👁️  12

Скопјани одамна не биле сведоци на оригинална дебармаалска забава, но 13ти септември дефинитивно го промени истото. Исполнувајќи го ветеното, препознатливата музичка сензација, Сале Певац, приреди неверојатна забава за сите оние, кои присуствуваа на неговиот јубилеен настан на Боемска Улица.

Над две илјади луѓе, за првпат по долго време, имаа можност да почувствуваат автентична забавна атмосфера со добра музика во изведба на единствениот Сале.

Музичкиот перформанс, освен што ги плени присутните и го разигра Скопје, беше збогатен со специјално осветлување за доловување на староградскиот шмек, заедно со уникатен микс на LED елементи и централна бина, а резултатот беше незаборавна слика од Дебар Маало како блеснува во еден посебен сјај.

По воведниот музички блок, ѕвездата на вечерта со задоволство ги придружуваше гостите додека го бараат своето место помеѓу стотиците подготвени маси, а атмосферата се загреа со појавувањето на домаќинот, кој пееше без престан, повеќе од цели четири часа.

Сале, на сцена со својот бенд, составен од реномирани музичари на македонската естрада, на присутните им подари уникатна изведба на песни од различни жанрови и периоди од музичкото минато, но прославата ја започна, а и заврши, со неговата нова песна, „Ране“.

За 25 годишниот јубилеј, за кој целиот тим на Сале Певац се подготвуваше неколку седмици, несомнено ќе се зборува уште многу долго. Оние, кои присуствуваа на вчерашниот спектакуларен настан, ќе потврдат дека ваквите прослави му се потребни на Скопје, за главниот град да го врати својот стар сјај на град со незаменлив ноќен живот.