👁️  19

Прв приоритет на Африка е да ја развие својата економија и да извлече што е можно повеќе луѓе од сиромаштија, но и климатските активности се дел од решението поради огромниот потенцијал за обновлива енергија и чист водород, суровините, неверојатна природа и биодиверзитет и млада работна сила, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на отворањето на Африканскиот самит за климата 2023 во кенискиот главен град Најроби.

– Можете да помогнете во развојот на глобалните енергетски системи и синџири за снабдување, истовремено создавајќи добри работни места тука и економски можности кои вашиот народ ги бара со право. Ова е понудено партнерство кое е од корист за Африка и светот. Придобивките од проширувањето на африканскиот сектор за чиста енергија би биле огромни. Со забрзување на транзицијата кон соларна и ветерна енергија, работните места во енергетскиот сектор во Африка би можеле да се удвојат за неколку години, а Африка би можела да произведе доволно чиста енергија не само за да го напојува вашиот континент, туку и да извезува во странство. Климатските активности можат да бидат еден од главните двигатели на растот на Африка, посочи Фон дер Лајен.

Според неа, на Африка и требаат огромни инвестиции, а Европа сака да биде нејзин партнер во обезбедувањето средства и за таа цел 150 милијарди евра во инвестициски план на ЕУ наречен „Глобална порта“ се наменети за африканските земји.

– Ние не сме заинтересирани само за извлекување ресурси. Сакаме да соработуваме со вас за да создадеме локални синџири на вредности, да создадеме добри работни места овде во Африка. Сакаме да ја споделиме европската технологија со вас. Сакаме да инвестираме во вештини за локалните работници. Ова е клучно за младите, рече претседателката на ЕК.

Таа нагласи дека дебатата на Самитот треба да биде насочена кон привлекувањето приватни инвестиции во Африка, кон цените на јаглеродот и кон поставувањето глобални цели за енергетската транзиција.

– Заедно со Европската инвестициска банка и нашите земји членки, издвојуваме една милијарда евра за намалување на ризикот на приватни инвестиции на пазарите во развој. Ова може да помогне да се привлечат до 20 милијарди евра одржливи инвестиции. Затоа, ајде да работиме заедно на тоа за да ги изградиме и растеме пазарите на зелени обврзници во Африка, рече Фон дер Лајен.

Според неа, за да се забрза глобалната енергетска транзиција и да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, потребно е тројно зголемување на капацитетот за обновлива енергија и удвојување на енергетската ефикасност до 2030 година.

– Ако ги засилиме глобалните инвестиции во обновливите извори на енергија, ова би ја направило чистата енергија подостапна за сите земји, вклучително и овде во Африка, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека светот денес има огромна одговорност да се бори против климатските промени за доброто на идните генерации.

На маргините на Самитот, Фон дер Лајен се сретна со кенискиот претседател Вилијам Руто на која е договорена Стратегијата за зелен водород на Кенија и Патоказот за нејзино спроведување, поддржани од европската инвестициска стратегија „Глобална порта“.

Како што соопшти Европската комисија, Патоказот, изработен од експерти од Кенија и ЕУ, ги поставува кениските амбиции за развој на сопствена зелена водородна индустрија до 2032 година и се фокусира на развивање и растот на домашниот пазар, на извозот и на остварување на специфични цели поврзани со намалување на емисиите на штетни гасови, отворање нови работни места и привлекување директни инвестиции.

Во рамките на „Глобалната порта“, ЕУ ќе одвои речиси 12 милиони евра во грантови за да ги поттикне јавните и приватните инвестиции во кениската индустрија за зелен водород. Севкупно, „Глобалната порта“ ќе инвестира 3,4 милијарди евра во климата и природата во Кенија – од развој на нејзината индустрија за обновливи извори на енергија до изградба на одржливи синџири на земјоделски стоки, климатска отпорност и заштита на животната средина, се додава во соопштението.

Фон дер Лајен по средбата со Руто порача дека Кенија е клучен сојузник на ЕУ во борбата против климатските промени.

– Амбициозната цел на Кенија за сто проценти чиста енергија до 2030 година е инспирација за другите земји. Патоказот за зелениот водород ќе и помогне на Кенија во оставрување на таа цел. Тоа ќе помогне да се намалат емисиите на штетни гасови, да се поддржи стратешката индустрија за иднината на земјата и да се зајакне нејзиниот извозен капацитет кон партнери како ЕУ. Тоа е успешна приказна, поттикната од „Глобалната порта“, истакна Фон дер Лајен.

Кенискиот претседател Руто, пак, нагласи дека стратегијата за развој на зелен водород е приоритет на економската експанзија на Кенија и создавањето можности за нови работни места и промовирањето на грижата за животната средина.

– Зелената водородна економија ќе ја подобри безбедноста на храната, вклучително и проширување на зеленото производство на кениски чај, кафе, хортикултура, цвеќарство и житарки. Тоа, исто така, ќе ја олесни декарбонизацијата на нашите индустрии и економијата, изјави Руто.

Тој им се заблагодари на сите партнери кои ја помагаа ова зелена транзиција на Кенија, пред се на ЕУ, Германија и Европската инвестициска банка, посочувајќи дека ова континуирано партнерство ќе ја зајакне и соработката со сите африкански земји.

На Африканскиот самит за климата 2023, чии коорганизатори се Кенија и Комисијата на Африканската Унија, учествуваа поголем број шефови на држави или влади и претставници на мултилатерални институции, граѓанското општество, приватниот сектор и младински организации, меѓу кои покрај Фон дер Лајен и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, претседавачот на Конференцијата за климатски промени во Дубаи (КОП28), Султан Ахмед ал Џабер и претседателот на Комисијата на Африканската унија, Муса Факи Махамат.

Целта на Самитот е да се разговара за начините како африканските земји да се соочат со предизвиците што ги поставуваат климатските промени и да се подготват за претстојниот КОП28, што ќе се одржи на крајот ноември и почетокот на декември во Дубаи.