👁️  47

Имајќи ја предвид ситуацијата со мигрантите на Лампедуза и препознавајќи го зголемениот притисок долж различните мигрантски рути, ЕУ подготви план од итни активности за справување со состојбата, што треба да се применат со целосно почитување на основните права и меѓународните обврски, порача денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по посетата на италијанскиот остров Лампедуза, каде последниве денови е регистриран зголемен прилив на мигранти.

– Нерегуларната миграција е европски предизвик и потребен е европски одговор. Ние сме заедно во ова. Во овие денови, локалната заедница на Лампедуза продолжи да дава се од себе за да ги поддржи мажите, жените и децата кои стигнаа до овој остров. Оваа неверојатна солидарност го грее срцето и многу е важно да се запамети: Сите што се вклучени – било да се тоа жителите на Лампедуза, локалните власти или мигрантите – се заглавени во оваа ситуација, порача Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Фон дер Лајен нагласи дека се поголем број мигранти ги напуштаат своите земји, поттикнати од немилосрдните шверцери и трговци со луѓе, и многумина од нив пристигнуваат на островот Лампедуза, создавајќи многу тешка ситуација за неговите жители.

– Премиерката Мелони и јас сме овде денеска за да понудиме координиран одговор од италијанските и европските власти. Сакам да бидам многу јасна: имаме обврска како дел од меѓународната заедница. Тоа го правевме во минатото, тоа ќе го правиме и денес и во иднина. Но, ние ќе одлучиме кој и под кои околности ќе доаѓа во Европската Унија, а не шверцерите, порача Фон дер Лајен.

Претседателката на ЕК презентираше план од десет точки, кој предвидува поддршка на Италија од Европската комисија, Агенцијата за азил на ЕУ и Фронтекс за справување со приливот на мигранти и нивна регистрација, како и зголемен трансфер на мигрантите од Лампедуза во други земји членки на Унијата во рамки на Механизмот за доброволна солидарност.

Планот натаму предвидува поддршка од Фронтекс за брзо враќање на мигрантите во нивните земји на потекло, доколку не ги исполнуваат условите за добивање азил во ЕУ, како и зајакнување на борба против шверцерите на луѓе.

– Мораме да ги здружиме силите со земјите на потекло и со земјите на транзит за да го запреме овој брутален бизнис. Потребен ни е заеднички пристап, на пример Фронтекс и Европол да се ангажираат со Тунис и по должината на рутата. Исто така, и нашето законодавство за борба против шверцот треба да се ажурира од правна страна, додаде Фон дер Лајен.

Според неа, со планот се предвидува и засилување морскиот и воздушниот надзор во Средоземното Море, преземање мерки против логистиката на шверцерите на луѓе, како и забрзување на постапката за проценка на барањата за доделување на азил.

– Важно е брзо да се отфрлат барањата кои се неосновани. Оние кои не ги исполнуваат условите за азил мора да се вратат. Најефективната мерка за спротивставување на лагите на шверцерите се правните патишта и хуманитарните коридори. На мигрантите ќе им понудиме вистински алтернативи преку хуманитарниот прием. Ова е многу важно за да се разбие наративот на шверцерите. Затоа што едно е сигурно: Колку сме подобри со легалната миграција, толку построги можеме да бидеме со нерегуларната, додаде Фон дер Лајен.

Следната мерка од планот, според претседателката на ЕК, предвидува зајакнување на соработката на ЕУ со Канцеларијата на Високиот комесар на ОН за бегалци (УНХЦР) и Меѓународна организација за миграција (ИОМ) за да се обезбеди заштита на мигрантите долж рутата и да се поттикне нивно доброволно враќање преку пружање помош, како и засилена соработка со Тунис за спроведувањето на Меморандумот за разбирање што земјата го склучи со ЕУ, која ќе вклучува реализација на нови проекти и исплата на средства на оваа африканска држава.

– Со тоа што дојдов овде сакам на сите повторно да ви кажам: Миграцијата е европски предизвик, кој бара европски одговор и решение. Токму конкретните акции ќе донесат промени на терен. Само преку солидарност и единство можеме да го постигнеме тоа. И можете да сметате на Европската Унија, додаде Фон дер Лајен.