Инспекторите од Управата за јавни приходи од почетокот на годинава заклучно со 25 април извршиле вкупно 1.522 контроли согласно Законот за контрола на готовински плаќања, при што кај 702 субјекти биле утврдени неправилности, најчесто за неиздавање фискални сметки.
Меѓу покарактеристичните контроли кои што беа посочени на денешниот брифинг со новинарите се оние на булеварот „Никола Карев“, односно популарната Пластичарска улица во Скопје, во јануари и во март годинава, при што од 30 проверени продажни места во првата контрола во јануари, УЈП констатирала дека дури 28 од нив не издавале фискални сметки, илии немале фискален апарат и не воделе книговодство.
Во втората контрола минатиот месец биле проверени 37 продажни објекти, при што кај 25 биле констатирани неправилности, исто така за неиздавање на фискални сметки или за неуредно сметководство.
Како што велат од УЈП, при втората контрола било констатирано дека во три продавници било подобрено работењето во однос на забелешките, но генерално, како што објаснија, треба време за да се подобрат состојбите .
Инаку, неиздавањето фискални сметки не е карактериситика само во продавниците на Пластичарска. Иако во помал обем, тоа се случува и во во други објекти, па дури и во државни здравствени установи.
Така, во изминатиот период на акциски контроли, бил опфатен и јавниот здравствен сектор. Од десет проверени клиники во комплексот „Мајка Тереза“, дури четири од нив не издавале фискални сметки, а една за неводење евиденција. При проверките на поликлиниките во рамки на Здравствен дом – Скопје од 13 направени контроли, кај четири поликлиники било констатирано дека не издавале фискални сметки.
Контроли биле спроведени и кај јавни здравствени установи во Кичево и Тетово, каде исто биле утврдени неправилности. Во Гостивар со контроли биле опфатени повеќе приватни здравствени установи, при што од 16 контролирани субјекти кај два се најдени неправилности.
На брифингот во УЈП беше посочено дека во координирана акција со Државниот пазарен инспекторат и со МВР, направени се контроли кај 33 даночни обврзници што вршат производство на накит во Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Битола од кои двајца биле затворени, а кај 18 биле констатирани неправилности со неиздавање сметки, а некои воопшто не го регистрирале прометот.
Инаку, за акцијата „Мој ДДВ“ за првите три месеци од годинава се очекува да бидат исплатени десетина милиони евра, за што парите се обезбедени. Од УЈП велат дека исплатата ќе почне веднаш после празникот 1 Мај.