👁️  12

Претставници на ФИФА и на Организацискиот одбор, задолжени за клучните оперативни подрачја, почнаа со посети на градовите домаќини на Светското првенство 2026.

Прва станица на нивната турнеја беше Мајами во средата вечер, а во план е обиколка на сите 16 градови домаќини на Мундијалот кој во 2026 година заедно ќе го организираат САД, Канада и Мексико.

Како што јави шпанската новинска агенција ЕФЕ, во фокусот на претставниците на ФИФА на претстојните посети ќе бидат прашањата поврзани со јавниот транспорт, управувањето со стадионите, приоритетните услуги и одржувањето на терените.

Обиколката на градовите домаќини ќе биде поделена во два дела, а за неколку недели ќе заврши со посета на Ванкувер.

На Светското првенство 2026, прв пат во историјата, ќе настапат 48 репрезентации, а ќе бидат одиграни рекордни 104 натпревари.