Поранешниот популистички премиер на Словачка, Роберт Фицо, чија партија Смер освои најмногу гласови на парламентарните избори на 30 септември, денеска потпиша коалициски договор со лидерите на двете партии за формирање нова влада.
Фицо и неговата левичарска Смер постигнаа договор со Петер Пелегрини, шеф на левичарската партија Глас, која го освои третото место на изборите и има 27 места во новиот парламент, како и со ултранационалистичката и проруската Словачка национална партија со 10 пратеници.
Поранешниот премиер и неговата партија, која планира да ја прекине воената поддршка на земјата за Украина, победија на парламентарните избори на 30 септември со 22,9 отсто од гласовите, освојувајќи 42 од 150 места во Парламентот.
Трите партии минатата недела се согласија партијата на Фицо да го именува премиерот и да има уште шест министри, со што ќе го отвори патот Фиц да биде шеф на владата на Словачка по четврти пат.
Глас ќе го именува претседателот на Парламентот и седум министри, додека Словачката национална партија ќе има тројца министри. Смер, меѓу другото, ќе ги има и министрите за надворешни работи, правда, одбрана и финансии. Глас ќе ги добие министерствата за внатрешни работи, економија и образование, додека Словачката национална партија ќе ги добие министерствата за култура и за животна средина.
Фицо претходно рече дека сака Словачка да остане членка на ЕУ и НАТО, но со „целосно почитување на суверенитетот на неговата земја“, а во понеделникот нагласи дека „неговата влада нема да зборува во име на странски интереси“. (МИА)