👁️  33

Благоја Милевски останува на кормилото на нашата најдобра фудбалска селекција. Ова беше потврдено денеска на седницата на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија.

„Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница дискутираше во однос на работата и постигнатите резултати на македонската А репрезентација во квалификациите за ЕП 2024 под водство на селекторот, Благоја Милевски. Управниот одбор на ФФМ го почитува начелото „на стара слава не се живее“. Незадоволство од постигнатите резултати е впечатокот кои го делат и членовите кои одлучуваат за избор на селектор на националниот тим.

Меѓутоа, имајќи ги предвид околностите во групата во која се наоѓа македонската А репрезентација во квалификациите за ЕП 2024, распоредот на натпревари кои следува и релативно краткото време до завршување на договорот со актуелниот селектор, е на став Благоја Милевски да продолжи со работа во националниот А тим. Договорот на селекторот трае до ноември 2023 година. Како што е убаво кога се победува, така е тешко кога се губи. ФФМ во следниот период ќе го даде најдоброто решение за репрезентацијата“, стои во објавата на ФФМ.

Следен противник на Македонија во евро-квалификациите е селекцијата на Италија на домашен терен.