👁️  19

Макс Ферстапен испиша нова историја во Формула 1, бидејќи денеска стана првиот возач кој победил на десет последователни гран-при викенди во „најбрзиот циркус“ во светот.

Ферари значително го подигна нивото за домашната трка и навести навистина возбудлива трка на Монца, но сепак грешката на Карлос Саинц додека беше водечки му овозможи на Макс да има многу полесна задача од замисленото.

Ферстапен не мораше да ризикува и го искористи подарокот за да избие на првото место, а веќе тогаш стана јасно дека нема никој да може да го сопре од нова победа.

Макс на овој начин го престигна Себастијан Фетел и стана првиот пилот во историјата кој забележал десет победи во низа во Ф1, но доминациајта на Ред Бул е отсликата и во тоа што овој тим има 15 последователни победи од крајот на минатата сезона.

Чеко Перез го комплетираше извонредниот викенд за Ред Бул и заврши на второто место, но тој имаше далеку потежок пат и мораше да ги престигнува Шарл Леклер и Карлос Саинц.

На крајот од трката, Леклер го нападна својот колега и имаше борба за третото место, но сепак Шпанецот беше тој кој се искачи на победничкиот пиедестал.

Расел и Хамилтон од Мерцедес беа на петтото и шестото место, а во бодовите уште влегоа Албон, Норис, Алонсо и Ботас.