👁️  1062

Мистериозната Ивана која претставувајќи се дека е од Општина Ѓорче Петров си јадеше и пиеше по ресторани, е најдена. Таа и сама си признала дека така се гоштевала кај скопски угостители. „А1он“ дознава дека таа најчесто си правела нарачки за носење, а кога ќе дошло време да се плати, барала фактурата да гласи на фирми, со образложение дека се соработници на Општината од која доаѓа. Ова траело додека еден од угостителите не се посомневал, па се јавил кај општинарите да провери која е Ивана што бара фактури на фирми, за кои давала и точни податоци.

„А1он“ дознава дека Ивана е од Ѓорче Петров. Жена на возраст од 36 години. Причините за лажното претставување засега се непознати. Фактурите пак кои се испорачани од угостителите останаа неплатени. Случајот во полиција го пријавила Општината, а со цел да се заштити, откако дознале за случајот. „А1он“ успеа да стигне и до телефонскиот број на Ивана, која сакала да се гоштева на туѓи сметки, а преку кој ги правела нарачките – но бројот беше исклучен.

Од МВР, најавуваат соодветен поднесок.

„Во врска со лажното претставување на лицето И.А. во полициската станица Ѓорче Петров е извршен службен разговор, во кој таа го признала делото“, велат од полицијата за „А1он“.

Измамите на угостители во Скопје станаа зачестени. „А1он“ објави и за случајот за кој уште нема разврска а се однесува на лажниот Дејан, кој наместо да плати за услуги, изнудува пари од угостители во Скопје. Последните информации до кои дојдовме за тој случај се дека Дејан кој не е Дејан, измамите ги прави од затворот „Идризово“. Но и покрај овој јавен аларм, разврска на случајот – нема.