Според извештајот на британскиот весник „Фајненшл тајмс“, украинските власти претрпеле загуби во вредност од стотици милиони долари набавувајќи воена опрема од несигурни дистрибутери.
Весникот ги презентираше наодите од својата истрага, која се базира на протечени владини документи и “десетици интервјуа со службеници за набавки, трговци со оружје и детективи”.
Во текстот се наведува дека обидите за набавка на оружје преку посредници и од сомнителни снабдувачи довеле до тоа Киев да “изгуби стотици милиони долари” во период од три години. Во многу ситуации, украинската страна уплатила големи депозити на непознати компании кои сè уште не ја доставиле нарачаната опрема или нејзините делови.
Извори за „Фајненшл тајмс“ исто така опишаа случаи каде што, поради нагол пораст на побарувачката, оружјето било купено по “надуени цени”, но се покажало како нефункционално.
Во извештајот се наведува дека Украина до денес има направено авансни уплати во висина од 770 милиони долари кон странски продавачи за воена опрема и муниција кои не се испорачани. Ова претставува значителен дел од годишниот воен фонд на Киев.
Во исто време, одредени странски компании за оружје тврдат дека биле жртви на внатрешни расправии и корупција од страна на украински официјални лица и државни трговци со оружје, што потенцијално би можело да биде причина за исчезнувањето на милиони долари, се вели во извештајот.
Во согласност со документите што ги видел „Фајненшл тајмс“, во некои случаи имало координирани активности меѓу високи украински безбедносни службеници и странски посредници со цел да се искористат договорите за проневера на јавни пари.








