👁️  4338

Тимот на Еурофарм Пелистер успешно го гради својот европски имиџ и продолжува да расте од ден на ден во секој поглед. Во дел на организација на европски натпревари, има неколку новини и ја продолжува тенденцијата од минатата сезона.

За време на натпреварите од Лига Европа и СЕХА лигата ќе има отворена фан-зона на различни локации во градот, иако на последниот натпревар со Мешков Брест поради дождот, беше откажана. Со отворен или затворен сегмент (во зависност од временските услови) клубот ќе им понуди на своите фанови простор за добра забава, купување на клупските производи, интерактивни игри за најмладите и заедничко следење на натпреварите на битолскиот клуб.

Новина е воведувањето на ВИП-простор во малата сала на спортската сала „Боро Чурлевски“. Таму клупските партнери, спонзори и акционери ќе имаат можност за поинаков начин на дружење пред, за време и по натпреварите. Така ќе им се даде соодветен третман на луѓето кои инвестираат во спортот, кои пред почетокот на средбата и после мечевите ќе можат да се дружат.

Таков беше случајот за време на натпреварот против Мешков Брест од СЕХА лига кога првпат беше промовирана и функционираше ВИП просторот. Поради зголемеиот интерес, во иднина истиот ќе се развива и ќе нуди и нови можности.

Клубот во текот на сезоната планира да продава и ВИП-влезници, ќе има и сезонски билети исто како лани, кои ќе вклучуваат посета на сите натпревари од сите конкуренции на двата тима.