👁️  208

Европската комисија лансираше База на податоци за транспарентност, како една од мерките за обезбедување поголема транспарентност од страна на провајдерите на услуги, согласно Законот за дигитални услуги на ЕУ.

Според одредбите од Законот за дигитални услуги, сите даватели на хостинг услуги имаат обврска на корисниците да им даваат јасни и конкретни информации за причините поради кои им го забрануваат или ограничуваат пристапот до одредена содржина и тие образложенија ќе бидат складирани во новата База на податоци.

Тоа ја прави оваа База на податоци прво вакво регулаторно складиште, од каде податоците за одлуките за ограничување на содржините донесени од страна на онлајн платформите активни во ЕУ ќе бидат достапни за пошироката јавност, што треба да придонесе за нивна поголема одговорност.

Засега обврска да доставуваат податоци до Базата имаат само големите онлајн платформи, но од 17 февруари 2024 година тоа ќе биде задолжително за сите даватели на хостинг услуги, со исклучок на микро и малите претпријатија.

Преку Базата на податоци за транспарентност, корисниците засега имаат пристап до статистичко резиме за објавените образложенија, можност да бараат конкретни изјави за причините за ограничување, како и да преземаат податоци, но во следниот период е превидено во неа да бидат додадени нови функции за аналитика и визуелизација.

Изворниот код на Базата е јавно достапен на платформата GitHub.

Заедно со Кодексот за дезинформации, како и мерките за дополнително зајакнување на транспарентноста согласно Законот за дигитални услуги, новата База на податоци им овозможува на сите корисници да бидат поинформирани за начините на ширење на илегални и штетни содржина на интернет, посочува Европската комисија.