👁️  12

Поради делумно излевање на реката Пиниос во близина на градот Лариса, од доцна синоќа во тек е евакуација на неколку села во околината, а паралелно продолжува спасувањето на луѓето заглавени во поплавите во централна Грција, предизвикани од невремето „Даниел“ во кое досега шест лица го загубија животот, над 1.800 се спасени, а непознат е точниот број на исчезнати, јави дописничката на МИА од Атина.

Тесалиската низина е буквално под вода, села во близина на градот Кардица се целосно уништени, Волос е во кал и без вода за пиење веќе неколку дена, а од синоќа вниманието е насочено кон Лариса каде што нивото на реката Пиниос е драстично зголемено, вон нормалните граници и во одредени делови се излева.

Преку бројот 112 за итни случаи синоќа беа испратени пет пораки до жителите на селата во околината на Лариса, како за предупредување од можни поплави, така и за евакуација на пет населени места поради можно излевање на реката.

Од противпожарната служба на Грција утрово соопштија дека од почетокот на невремето „Даниел“ во вторникот примиле 6.406 повици за испумпување вода и сечење дрвја, а 1.881 лице е спасено или пренесено на безбедни локации.

Спасувачките акции започнаа вчера попладне по копно, вода и од воздух, а ги водат противпожарната и крајбрежната служба и припадници на армијата.

Спасувачки тимови од крајбрежната служба со гумени чамци „пловеа“ по улиците кои се претворени во реки во селото Астрица и од куќа до куќа евакуираа жители, заглавени во нивните домови.

Припадници на армијата, спасуваат со хеликоптери и булдожери, додека пак од плажите во крајбрежниот дел на областа Магнисиа со помош на чамци на крајбрежната служба, вчера, на безбедни локации биле пренесени над 200 лица.

Во невремето „Даниел“ животот го загубија шест лица, неофицијално, исчезнати се најмалку шестмина, од кои четворица се странски државјани, од Австрија и Германија, а штетите се катастрофални.

Поради поплавите, кои се најголеми во Грција во последните години, се одложуваат и политичките настани закажани за викендот.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го одложи планираното учество на отворањето на Меѓународниот саем, односно говорот и прес конференцијата и наместо во Солун, ќе биде во подрачјата погодени од невремето.

Утрово заминува за Лариса, ќе ги посети поплавените делови, а потоа и Координативниот центар за операции во периферијата Тесалија.

Од опозициската СИРИЗА донесоа одлука партиските избори за претседател, наместо в недела да се одложат за една седмица и да се одржат следната недела на 17 септември.