👁️  26

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер го освои четвртото место на „Турнирот на пријателството“ во турска Сакарија, со пораз во „малото финале“ од српска Војводина (33-27).

Ова беше втор пораз на вториот меч за пелистерци на турско тло, по оној од големиот фаворит Веспрем во полуфиналето и битолчани сега се враќаат дома каде ќе продолжат со подготовките за новата домашна сезона и настапот во Лигата на шампионите.

Натпреварот меѓу двете балкански екипи почна изедначено, а првиот удар го зададе македонскиот тим кога од 4-4 врза два гола. Преку Василев и Цехте, пелистерци се одлепија на плус два (4-6), предност која ја држеа до 6-8. Војводина се врати во игра кога со игра седум на шест израмни на 10-10. Потоа беше 12-12, а српскиот тим дојде до предност во 25. минута кога имаше 13-12. Плусот од еден гол Војводина го задржа и на полувремето (15-14).

Главната разлика на мечот настана по 35. минута, кога Војводина имаше расположен голман и влезе во напаѓачки ритам. Чуварот на мрежата фати два напади во низа на Еурофарм Пелистер, на спротивната страна доминираше пивотот Пешиќ и така српскиот првак замина на 21-19. Проблемите во нападот на битолчани беа евидентни, тоа Војводина го казни и во 48. минута имаше највисоки плус пет (25-20) кои без проблем ги одбрани. На седум минути пред финишот, на семафорот стоеше 30-23 за екипата на Ројевиќ, што беше највисока предност во натпреварот.

Најдобар стрелец кај Војводина беше Вукашин Воркапиќ со седум гола, пред Живан Пешиќ со шест реализации, а кај Еурофарм Пелистер, Павле Атанасијевиќ даде осум гола, Цветан Кузманоски имаше пет, а Денис Васиљев заврши со четири гола, додека Нејц Цехте реализира трипати.