👁️  124

Не се фокусирајте на барањата за некакви гаранции за членство, туку на обврските што се преземени и чие остварување го прави автоматски процесот на пристапување во ЕУ, велат дипломати од Брисел во однос на тоа дали може ЕУ да даде гаранции дека Бугарија нема да не блокира, што беше и едно од барањата на опозицијата за да поддржи уставни измени.

Дипломатски извори од Брисел уверуваат дека за Македонија нема план „Б“, туку се работи на планот „А“ за членство на земјава во Европската Унија, за коешто, велат, постои огромна поддршка од земјите-членки, пренесува МИА.

Од Брисел уверуваат дека Западен Балкан е на врвот на агендата на ЕУ, и оти нема да запре политичкиот интерес за проширувањето, особено во новиот геополитички контекс.

Тие, како што јави известувачот на МИА од Брисел, се децидни дека сега е моментумот да направиме чекор напред, но треба и да испорачаме и да го забрзаме реформскиот процес.

Од друга страна, во однос на тоа колку ќе трае преговарачкиот процес, велат дека ЕК не поставува календар и не може да предвиди колку ќе траат преговорите, но порачуваат државата да направи акциски план којшто ќе биде во исто време и амбициозен и реалистичен.

Во однос на уставните измени, дипломатски извори од Брисел оценуваат дека никој нема забелешка за содржината на самите измени на Уставот, бидејќи, како што велат, државава има долга традиција на негување на правата на сите малцинства.

Проблемот тука, велат тие, не е во содржината на уставните измени, туку „проблемот којшто настана е симболизмот на тоа и проценката од ризикот дека ќе има натамошни блокади од Софија во процесот“.

Тие порачуваат ако земјава успее да оди напред во ова, и ако со Бугарите се направат напори да се изгради долгорочна доверба, како по примерот со Грција, прашањата тогаш, според нив, автоматски ќе бидат решени.

Во однос на уставните измени, дипломатите од Брисел додаваат дека акциски план за малцинства има и Србија, така што, велат, Македонија не е исклучок во тоа.