👁️  1076

Државната компанија за производство на струја (од вчера до недела 27 ноември) ќе плати 8 милиони евра за да купи струја! Станува збор за 32.060 мегаватчасови кои за 7 дена ги произведува генератор со инсталиран капацитет од 220 мегавати – исто колку што може и треба да произведува еден блок во РЕК Битола! Спремни ли сме за грејната сезона?

„-Ние сме подготвени за грејната сезона, но и натаму секојдневно се зајакнуваме, се престројуваме и оптимизираме. Планот за производство за АД ЕСМ за 2022 г беше направен со 20 oтсто зголемување во споредба со лани. Дополнително во текот на годинава е ревидиран и зголемен за уште 5 отсто. Се’ со цел да се обезбедат целосно потребите од струја на граѓаните и малите потрошувачи“, ова е цитат од интервјуто на Васко Ковачевски, генералниот директор на ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) дадено за економскиот магазин „Капитал“ на 22 октомври пред точно еден месец од денеска. Еве го линкот https://kapital.mk.

Оваа изјава создава впечаток дека ЕСМ има капацитет и план за производство и дека во основа оваа зима ќе имаме доволно базна енергија т.е. струја произведена од домашните термоцентрали. Па и треба да сме мирни затоа што инсталираниот капацитет за производство на струја на трите блока на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј надминува 800 мегавати на еден час.

Но во пракса, конкретно за последните денови за кои има достапни и јавни податоци објавени на сајтот на Владата, ЕСМ не може да стави во производен погон ниту 30 отсто од инсталираниот капацитет на четирите генератори во неговите термоцентрали. Конкретно за 19 ноември успеал да стави во погон 22 отсто од капацитетот на термоцентралите, а ден подоцна односно на 20 ноември го подигнал прагот на искористеност на 29 отсто од целиот инсталиран капацитет на термоцентралите.

Податоците може да ги проверите на сајтот на Влада на следните линкови https://vlada.mk/node/31074и https://vlada.mk/node/31079

И сега во корелација со официјалната изјава на директорот Ковачевски во која тврди дека бил спремен за грејната сезона објавена е информација дека фирмата што ја води ќе плати 8 милиони евра за струја за само една недела. А таа количина што ќе ја плати може да ја произведе генератор со инсталиран капацитет како само еден блок на РЕК Битола!

И сега во каква кондиција е РЕК Битола? И треба ли да верува јавноста дека се е по план во ЕСМ ако термоцентралите му произведуваат 30 отсто од капацитетот што го имаат, а плус на тоа компанијата купува струја за 8 милиони евра сега наместо таа енергија да ја произведе само еден блок на РЕК Битола?

А ова се случува во услови кога просечните дневни температури се над 15 целзиусови степени.

Ако вака произведуваат термоцентралите на ЕСМ во претстојните студени зимски месеци колку струја ќе треба да купиме и кој ќе ја плати?