Испораката на топлинска енергија преку системот за централно греење до сите објекти, во кои потрошувачите и куќните совети навремено ги исполнија своите обврски за одржување и проверка на грејната инсталација пред почетокот на грејната сезона добија навремена и квалитетна испорака на топлинска енергија, информираат од ЕСМ.
Оттаму посочуваат дека за да може испораката на топлинска енергија од системот за централно греење да се одвива непречено во објектите на потрошувачите, потребно е куќните совети на колективните станбени објекти да овозможат непречен пристап на екипите на операторот на дистрибутивната мрежа во топлинските станица, да се обезбеди напојувањето на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација) и да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок.
-Токму затоа ЕСМ Снабдување навремено, пред почетокот на грејната сезона неколку пати апелираше до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона, се наведува во соопштението.
На веб страната на ЕСМ Снабдување со топлина постојано, како што е наведено во соопштението, се објавуваат ажурирани податоци во прегледот на моментално затворените објекти кај кои нема услови за испорака на топлинска енергија на линкот https://esm-snabduvanje.mk/esm/?page_id=1348.
-Согласно податоците во Центарот за Грижа на потрошувачи, на 14 октомври 2023 година, еден ден пред почетокот на грејната сезона, бројот на затворени објекти, во кои не постои техничка можност за да се испорачува топлинска енергија изнесуваше 210 објекти. Подетално во 21 објект имаше прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 49 објекти екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаа пристап до топлинската станица и 140 објекти беа оневозможени да добијат испорака на топлина од системот за централно греење заради дефект во внатрешната инсталација на објектот. Согласно Законот за домување, одржувањето на внатрешната грејна инсталација е одговорност на потрошувачите, велат од ЕСМ Снабдување.
Оттаму посочуваат дека бројот на објекти кои ги немале исполнето условите за непречена испорака на топлинска енергија пред почетокот на грејната сезона се намалува, со нивно санирање, но истовремено во првите денови од почетокот на греењето се појавуваат нови пријави, на кои екипите работат непрекинато.
ЕСМ Снабдување апелира до потрошувачите и куќните совети да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации, да обезбедат довод на електрична енергија и непречен пристап на нашите екипи до топлинските станици во нивните објектите.
Од ЕСМ велат за дополнителни информации потрошувачите можат да се обратат во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075400100.