👁️  5507

ЕСМ по неполни два месеци го промени директорот од прилепско Лажани, инаку сопственик на локален маркет, кој досега беше прв човек на подружницата која купува увозна електрична енергија за потребите на државното електростопанство и ги продава нејзините вишоци на струја.

АД ЕСМ на крајот од август го назначи Мирсад Црновршанин за директор на подружницата ЕСМ Продажба. Функцијата управител тој требаше да ја врши на определено време од 12 месеци во периодот од 1 септември до 31 август следната година. Инаку ЕСМ Продажба за помалку од една година изротира четворица директори. Сега на местото на Црновршанин со мандат од шест месеци е назначен Златко Пиперкоски, поранешниот директор на РЕК Осломеј кој беше разрешен пред една година поради потребата од кадровски промени со енергетската криза.

Претходно, поранешниот советник на екс-премиерот Зоран Заев, Александар Обрадовиќ, по шест месеци беше отповикан на почетокот на годинава. Потоа на поранешно ЕЛЕМ Трејд за директор беше назначен Синиша Ивановски.

ЕСМ Продажба во изминатиот период е критикувана од опозицијата за продажба на ноќни вишоци на електрична енергија на привилигирани трговци по цени кои се пониски од берзанските.

За време на грејната сезона се очекува поголема активност од ЕСМ Продажба во купувањето на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. Владата со одлука веќе одобри 50 милиони евра за авансни плаќања во енергетската криза, а дел од овие пари се предвидени и за купување на увозна струја.

Минатиот месец од државните електрани беше објавен огласот за оператор од кого ќе набави струја за технички загуби во електродистрибутивната мрежа, каде што се вклучени и комерцијалните загуби и таканареченото „крадење“ на електрична енергија.

ЕСМ оваа година со енергетската криза се обврза покрај тоа што 100 отсто ќе ги покрие потребите на универзалниот снабдувач ЕВН за граѓаните и малите потрошувачи, и целосно да ги покрие техничките загуби во системот за „ЕВН Електродистрибуција“, пренесува Фактор.